Долгорочната поддршка за Украина е централно прашање за Германија изјави федералниот канцелар Олаф Шолц денеска во Бундестагот, објави Укринформ.
„Прашањето за долгорочна поддршка за Украина е централно за нас“, потенцираше Шолц.
Тој потсети дека рускиот претседател Путин јасно изјавил дека се надева оти подготвеноста на Германија, Европа и САД да ја поддржат Украина ќе се намали. Самиот Путин е подготвен да потроши пари, ресурси и да ги ризикува животите на своите војници за да продолжи да ја уништува Украина и смета дека ќе има доволно ресурси за тоа, повеќе од Западот, и затоа на долг рок ќе ги спроведе неговите планови, рече Шолц.
„Затоа, важна порака, можеби најважната, што Германија може да ја испрати е дека ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина онолку долго колку што е потребно. Украина може да се потпре на нас овде“, рече Шолц, додавајќи дека Германија во моментов е втор -најголем „донатор“ за Украина по САД и планира да продолжи да биде еден од лидерите во обезбедувањето помош за Украина.
Политичарот ја нагласи поддршката на Германија во однос на аспирациите за европска интеграција на Кијив. Тој потсети дека Германија постојано дава практична поддршка, вклучително и консултации, за Украина да ги исполни неопходните критериуми за членство во ЕУ што е можно поцелосно и побрзо. Во исто време, Шолц рече дека напредокот по прашањето за членство во ЕУ ќе зависи исклучиво од напредокот во исполнувањето на критериумите, а не од какви било геополитички размислувања.
Подготви: М. П.
Извор: ЦИВИЛ Медиа