Премиерот Димитар Ковачевски на денешната седница во Собранието посветена на пратенички прашања соопшти дека откако ќе бидат обезбедени сите информации за состојбите во Агенцијата за филм, тие ќе бидат доставени до Јавното обвинителство, а потоа одлука ќе донесе и Владата.
На пратеничко прашање на Велика Стојкова Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ дали ќе го разреши в.д. директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски затоа што, како што образложи има негативни извештаи за неговото работење и заклучоци од ДКСК, Ковачевски ги повика надлежните да ги испитаат сите, како што рече, наводи.
-Заклучоците на ДКСК секогаш ги земам како исклучително важен податок и веднаш ги поттикнувам сите институции да ги испитаат сите наводи согласно своите надлежности. Заклучокот на ДКСК е доставен до Владата, односно Министерството за култура. Одлука за разрешување на директор не донесува лично премиерот, туку Владата како колективен орган, но одлуката ќе биде донесена откако ќе бидат собрани сите информации и од други институции за да се види инволвираност на повеќе страни и лица, а по прибирањето на сите информации на Владата ќе и биде потребен одреден период и време, изјави Ковачевски.
Се што кажавте, како што рече премиерот, е земено со големо внимание, но не може да се остави сите актери наведени во информацијата на ДКСК и други кои имале бенефит, а злоупотребиле, да не бидат опфатени.
– Има информации дека постои обид за заштита на одредени лица кои што оствариле некаков интерес, и откако ќе бидат обезбедени сите информации, ќе бидат доставени до Јавното обвинителство од страна на соодветените инситуции на Владата, но тогаш ќе бидат донесени и соодветни одлуки, одговори премиерот Ковачевски.
Заменик-министерот за култура Даим Лучи истакна дека ќе даде писмен одговор за поставените прашања од пратеничката Велика Стојкова Серафимовска која праша зошто се уште нема извештај до Собранието за спроведување на Националната стратегија за култура и зошто не се знае во јавноста кое лице од странство работело на изработка на Стретегија за развој на културата во периодот 2023-2027 година.