Францускиот претседател Емануел Макрон денеска предупреди дека целта на Израел за „целосно уништување на Хамас“ мора да биде јасно дефинирана, бидејќи во спротивно ќе предизвика уште „десет години“ војна и повика на двојно зголемување на напорите за постигнување траен прекин на огнот.
„Целосно уништување на Хамас…“, „…дали некој мисли дека ова е можно?“, изјави Макрон на прес-конференција одржана на маргините на конференцијата COP28 во Дубаи.
„Ако тоа е целта, војната ќе трае десет години“, истакна Макрон и побара „израелските власти да ја објаснат својата цел“. Франција е „многу загрижена“ за новото насилство во Газа, рече шефот на француската држава и најави патување во Катар каде што ќе се обиде да придонесе во напорите за договор за нов прекин на огнот.
На прес-конференцијата Макрон нагласи дека ситуацијата во Газа бара двојно зголемување на напорите за постигнување траен прекин на огнот и ослободување на сите заложници.
„За Израел нема трајна безбедност во регионот ако безбедноста на таа земја се постигне по цена на палестинските животи, што со себе носи незадоволство во регионот. Да бидеме колективно проникливи и трезвени“, додаде тој.
„Ефикасната борба против тероризмот не значи систематско и трајно бомбардирање“, истакна Макрон, „загрижен“ бидејќи бомбардирањето беше обновено вчера по истекот на примирјето меѓу Израел и Хамас. „Вистинскиот одговор против терористичката група не значи елиминација на целата територија или бомбардирање на сите цивилни области“, посочи тој.
Кога станува збор за ослободување на заложниците кои се уште ги држи Хамас, Макрон смета дека „потребни се уште неколку дена работа“, мислејќи на „актуелните преговори кои продолжуваат“. Меѓу исчезнатите на 7 октомври има четворица француски државјани.
Вечерва во Катар, францускиот претседател ќе вечера со шеикот Тамим бен Хамад Ал Тани, емирот на оваа земја, која е ангажирана во преговорите за примирје и ослободување на заложниците.
Г. Т.