Соединетите Американски Држави и пријателските европски земји јасно кажаа кој е патот на напредокот на Северна Македонија. Од нивните пораки се гледа кои се деструктивните фактори кои сакаат земјата да ја смени стратешката ориентација и кои се прогресивните сили кои носат развој на земјата и интеграција во Европската унија.
САД ја охрабруваат Владата на Северна Македонија да ги преземе сите можни мерки за да се постигне најдобрата можна иднина на земјата, изјавија од Стејт департментот за Македонската информативна агенција. На прашањето дали дипломатијата на САД помага во надминување на ќор-сокакот со неможноста да се изгласаат уставните измени како предуслов за напредок во претпристапните преговори со ЕУ, портпаролот на Стејт департментот вели дека одговорот за тоа треба да се бара на претстојните избори.
Американскиот помошник државен секретар Џејмс О’брајан при неговата посета на Скопје, прстот го впери кон првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за стагнацијата на државата на патот кон ЕУ.
Тој изјави дека е важно Северна Македонија да изнајде начини за да се движи напред и дека единственото решение се уставните измени за да се оди напред на патот кон ЕУ.
– Има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ви кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така, изјави помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
Според него, граѓаните кои гласаат го прават конечниот избор, но, како што нагласи, луѓето не би требало да гласаат за тие кои нудат алтернатива, без да кажат што е алтернативата.
Силна поддршка за продолжување на европскиот пат на државата и пристапните преговори од маргините на 30-тиот Самит на ОБСЕ одржан во Скопје упатија и американскиот државен секретар Антони Блинкен и претседателот на Европската комисија Жосеп Борел.
Американскиот државен секретар Антони Блинкен порача дека Северна Македонија е силен сојузник и партнер на САД и на сите сојузници во Алијансата и ја повтори силната поддршка за евроатлантската интеграција.
Претседателот на Европската комисија Жосеп Борел порача дека местото на Северна Македонија е во ЕУ, а одењето по европскиот пат треба да биде пред и над меѓупартиските превирања и повика на завршување на процесот на усвојување на уставните измени за продолжување на европскиот пат, и напредок за клучните реформи, бидејќи тоа не е нешто што носи корист за една политичка партија, туку за целиот народ.
Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер во неколку наврати потврди дека Северна Македонија веќе е дел од Европа и тоа треба да се формализира. Според неа придвижувањето на Северна Македонија кон ЕУ е во интерес на сите, а особено на најмладите, кои, како што рече, ќе бидат мотивирани да останат во државата и во неа да бараат можности.
– Знам дека е тешко, но само погледнете ги овие деца, ние не сме во ЕУ, ние од САД не сме во Европа, но тоа го правите за овие деца да имаат можности и за да сакаат да останат во оваа земја кога ќе пораснат, кога ќе завршат средно училиште, кога ќе одат на факултет, тие се вашиот пример зошто тоа е важно, изјавила Агелер.
И германската влада не се откажува од усвојување на уставните измени во Северна Македонија, со што на земјата би и се отворил патот кон продолжување на преговорите за членство со ЕУ.
– Во Северна Македонија, владата и опозицијата имаат пред себе измена на Уставот. Сега мора да ги спроведат измените во интерес на сопствената земја. И ќе ви бидам благодарен Вам, драги колешки и колеги од ЦДУ/ЦСУ, доколку го искористите вашето влијание врз сестринската партија во Северна Македонија за да пружите конструктивна помош за решение, изјавил Шолц.
Новинарот и политички аналитичар Ерол Ризаов во изјава за „Фронтлајн“ вели дека „почнатите преговори со ЕУ по успешниот скрининг треба да продолжат по одлуката на Собранието за уставни промени“.
„Кога едноставните работи се усложнуваат со манипулации и лаги резултатот е тој што го гледаме со години во Македонија. Почнатите преговори со ЕУ по успешниот скрининг треба да продолжат по одлуката на Собранието за уставни промени. Ако не се донесе таква одлука станува неизвесно кога тоа ќе се случи бидејќи релевантни политички партии за тоа немаат навестување, ниту некоја поцврста определба. Ова е таа едноставна ситуација со едноставно решение“ – изјави за „Фронтлајн“ Ризаов.
Тој нагласува дека „со години се одбегнува да бидат донесени одлуките за европеизација на Македонија, се вади милитантен арсенал за наводно предавство и распродажба на националните интереси“.
„Сведоци сме како со години се одбегнува да бидат донесени одлуките за европеизација на Македонија. Притоа се вади милитантен арсенал со кој се алармира јавноста за предавства и распродажба на националните интереси, на македонскиот идентитет, на јазикот, на историјата, се тврди дека никогаш нема да влеземе во ЕУ, што сè заедно предизвикува голема конфузија кај граѓаните. Тоа е сеење на отров што кај голем број граѓани предизвикува слепило да не се видат јасно работите“, вели Ризаов.
Политичките партии, иако не можеa да најдат заеднички јазик и политички компромис за усвојување на уставните измени за да може земјата непречено да се движи кон ЕУ, сепак се договорија во 2024 година земјата да оди на двојни избори, парламентарни и претседателски.
Изборите следната година, ќе бидат 11 парламентарни од осамостојувањето на државата, додека претседател ќе се бира по седми пат, вклучувајќи го и првиот од двата мандата на Киро Глигоров беше даден врз основа на избор од страна на Собранието согласно тогашните уставни решенија.
Дестан Јонузи