Пишува: ВЛАДИМИР КОЧОВСКИ
Ја зема од богата фамилија.
Таа како чеиз понесе многу… ја понесе убавата насмевка…да, понесе со себе само тоа што го имаше на неа.
А и тој ништо не бараше.
Ваљда ја сакал, јебем ли га…ги прекршил сите адети и ја зел со себе само со ташна преку рака.
Ангелите што ги гледам по филмови, слики, икони, тие не беа ни налик на неа. Тоа што го носеше таа во себе и што несебично го раздаваше не можеше баш така лесно да се нацрта. Беше ангел кој крилата вешто ги криеше, толку вешто да ни најблиските не можеа да ги видат…ама сите како да ја знаеја таа нејзина мала тајна.
Гинекологија, медицинска сестра, секој ден гледаше како почнува барем еден живот.
Одлична готвачка. Ги имаше оние тефтери, тетратки или како се викаат у кои пишуваше „кифлици од Горица”, „Пита од Лела”…рецепти за сè.
Беа прецизно напишани, знаете она – Една шоља брашно – Две шољи зејтин… Е ама не било која, таа шоља беше истата и ја чуваше ко да е од скапоцен кристал. Прецизно се држеше до напишаното. Уште го гледам прстенот во форма на бадем кој го вадеше кога месеше.
Да, кога нешто месеше…камо да се сеќавам на тој „бадем” само по тоа.
– Извадете ако има некој накит на неа.
Татко ми пробуваше ама никако не му успеваше.
– Не можам никако…згрчени и се прстите…
– Чекај…мамо ја сум…мора да го извадиме прстенот така рече докторот…
Раката чудесно и се опушти а прстенот лизна низ прстот…
Ете…по тоа го памтам тој „бадем” и секогаш кога ќе го чујам тој збор таа слика ми е пред очи.
Знаеше некогаш додека готви да збори сама со себе, тивко…а ја ќе пријдев ќе се потпрев на прозор и ја слушав.
– У бре сине ме извади од памет…
– Си напраи муабет, а? Те мучи нешто..
– Не бре…онака може сум рекла нешто на глас.
А ја мучеа многу работи, ги притискаше у себе и не даваше да искочат надвор… надвор искачаше само добрината.
– Наставиче се…