Членови на семејствата на израелски заложници кои сè уште се држат во Газа денеска извршија упад на состанокот во Кнесетот, израелскиот парламент.
Тие го пробија обезбедувањето и го прекинаа состанокот за финансии – протестирајќи дека се расправа додека нивните најблиски остануваат во заробеништво, пренесува Би-Би-Си.
Еден од членовите држеше табла на која пишуваше: „Нема да седите овде, додека нашите деца умираат таму“.
Израел вели дека повеќе од 130 луѓе се водат како исчезнати откако биле киднапирани за време на нападите на Хамас на 7 октомври.
Повеќе од 100 заробеници беа ослободени за време на шестдневниот прекин на огнот на крајот на ноември.
Подготвил: М. Пешевска