ВЛАДИМИР КОЧОВСКИ
Ме прашаа скоро, и еве…да пробам вака да одговорам.
Ќе кажам нешто што никогаш, на никого не сум го кажал. Не затоа што е тоа не знам што, туку така едноставно мислев дека е тоа само мое.
Кога бев мал, носев топлинки. Оние карирани кои, нели мораше да се носат.
Еден ден се сокрив позади фотељата и ѕидот со прозори на кои имаше завеси, оние од плафон до земја, што покрај бронзената боја на кожата, ги „шверцувавме” од Грчка кога се враќавме од одмор. Таму сокриен ја соблеков едната топлинка и на ѓонот со пенкало ги напишав имињата на сите оние што многу ги сакав.
Ги напишав затоа што сакав вечно да живеат, ме плашеше помислата дека еден ден ќе си отидат од овој свет.
Од време на време проверував дали некоја буква се избришала, па ја повторував пак.
Топлинките одамна ги немам, како и скоро., ако не и сите од тој мој список.
Црквата никогаш не ме импресионирала или пак ме привлекувала за да влезам внатре.
Знам дека некои луѓе стојат у црква.
Некои пак седат у црква.
Татко ми беше члан партије, па кога имаше такво нешто он стоеше…ама надвор. Не влагаше у црква. Можда ми е од него тоа да верувам у „нормални” работи.
Не, немам ништо против тие што веруваат, нити пак сакам да се расправам дали некој одел по вода или раздвоил океани.
Да бидам искрен го спомињам ја Господ.
Некогаш баш и не у добар контекст.
Некогаш како узречица онаа „Бог да чува” и слични работи.
Можеби верувам, на пример, у она мало глувче од цртаниот филм кое живее во шеширот на Бенџамин Френклин и го советува и му помага кога најмногу му требa.
Сè некако мислам дека сите тие што ги напишав на малата топлинка сега се мојот Амос кој ми кажува што да правам.
Заебано е тоа што не го слушам баш секогаш. Како што не ги слушав ни нив додека беа живи.
Сега сум што би рекле на пола пат.
Носам кондури кои се веќе за неколку броја помали од бројот на моите години, а имам и поминато голема километража.
Имам два сина кои одамна го положија испитот на зрелоста.
Сум ги воспитувал онака, другарски никогаш со авторитет коj би ги ограничувал.. Никогаш со наметнување на нешто што ја сакам да биде така.
Сум им давал „насоки” со тоа што сум слушал добра музика, што сум им „подметнувал” книги што биле важно да се прочитаат.
Одлуките секогаш ги носеле сами.
Никогаш не сум им зборел дали да одат во црква или не.
Сами како и за сè друго си изградиле став да веруваат во „нормални” работи и тоа е тоа.
Би сакал еден ден, ја да бидам нивниот Амос.
Кога ќе дојдат до некоја животна раскрсница, да им шепнам и да им помогнам да одлучат по кој пат да тргнат.
Знам дека пак ќе биде по нивно ама…
Имам ја некои свои „богови” ама на тие не се молам. Туку ги слушам, гледам и уживам во нивната уметност.
Ете тоа е тоа.