Актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски по третпат влегува во трката за да биде реизбран како „татко на нацијата“. Тој е кандидат на владејачката СДСМ и нејзините традиционални партнери.
Новинарот и политички аналитичар Дритон Зенку вели дека најверојатно во вториот круг од претседателските избори битката ќе се води меѓу Стево Пендаровски и опозициската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова.
– Ако зборуваме за двајцата кандидати кои најверојатно ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори, предностите на актуелниот претседател Стив Пендаровски се во повеќе правци. Прво Силјановска влезе во трката како губитник на претходните избори. Второ, Пендаровски е во апсолутна корист во однос на надворешната дипломатија. Силјановска со политиките што ги застапува може да има пристап само до Москва, Белград и некои центри кон Вашингтон и Брисел. Трето, ако зборуваме за Албанците, Пендаровски има отворена врата, а Силјановска затворен прозорец, изјави Зенку за „Фронтлајн“.
Политичкиот аналитичар Урим Салиу во изјава за „Фронтлајн“, вели дека актуелниот претседател Стево Пендаровски, е најдобриот претседател што никогаш го имала Македонија и нагласува дека заслужува втор мандат.
– Разликата е голема меѓу двајцата главни кандидати за претседател на државата. Актуелниот претседател Пендаровски, и покрај некои ситни грешки кои се нормални во политиката, е најдобриот претседател што никогаш го имала Република Северна Македонија. Тој беше пристапен, внимателен и според мене без никаква политичка пристрасност, заслужува втор мандат, изјави Салиу.
Разликата со Силјановска, наведува тој, е тоа што таа еднаш ја загубила трката и го нема настапот и пристапот на г-дин Пендаровски – во сите аспекти.
– Таа не може да биде надпартиски претседател, бидејќи не е толку прифатена за Албанците. Таа е на линијата на партијата што ја води и не може да го избегне националистичкиот речник кој исто така е поврзан со нејзините позиции во минатото – кои ѝ се познати на јавноста, истакна Салиу.
Од Кабинетот на актуелниот претседател и кандидат Стево Пендаровски велат дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема суштинска понуда за граѓаните.
– ВМРО-ДПМНЕ во недостиг на суштински идеи и понуда за граѓаните, продолжува да се служи со уличен жаргон и излитени фрази, обидувајќи се да го дискредитира претседателот Пендаровски и неговиот кредибилитет. Со ваквата политичка комуникација ВМРО-ДПМНЕ нема да постигне ништо. Граѓаните добро знаат кој е претседателот Пендаровски, кој е постојано транспарентен, отворен и меѓу граѓаните. Доколу се сериозна политичка опција која има понуда за граѓаните, им препорачуваме да се фокусираат на тоа, отколку на малограѓанско политиканство, истакнуваат од Кабинетот на Пендаровски.
Во ексклузивно интервју за Цивил Медија и Фронтлајн во септември минатата година, претседателот Стево Пендаровски говореше за Стратешкиот договор со САД и членството во НАТО, каде нагласи дека тие се гарант за стабилноста на државата и за регионот во целина.
Зборувајќи за актуелната политичка состојба во земјата, Пендаровски нагласува дека наративот што за неопходните уставни измени го користи опозицијата е директно спротивeн на македонските стратешки, национални и државни интереси.
Една од најголемите навреди на интелигенцијата на македонскиот граѓанин е кога европската преговарачка рамка ќе ја наречеш „бугарски диктат“, вели Пендаровски во интервјуто за Фронтлајн и ЦИВИЛ Медиа.
Кој е Стево Пендаровски?
Стево Пендаровски (3 април 1963 во Скопје) — македонски политичар. Тој е петти претседател на Македонија од 12 мај 2019 година.
Поголемиот дел од професионалната кариера го поминал во Министерството за внатрешни работи како безбедносен аналитичар. Во 2000-тите бил советник за национална безбедност и за надворешна политика на двајца македонски претседатели, Борис Трајковси и Бранко Црвенковски. Пендаровски е универзитетски професор и предава на Универзитетот Американ колеџ во Скопје.
Пендаровски првпат бил кандидат за претседател на државата во 2014 година, кога бил кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, но не успеал да го победи тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Во 2019 година вторпат бил кандидат на претседателски избори, овојпат како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и десетици други политички партии. Пендаровски успеал да ја победи кандидатката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова, која повторно му е противкандидат.
Професионална кариера
По дипломирањето во 1987 година, Пендаровски работел во адвокатска канцеларија во Скопје како приправник. Потоа се вработил во Министерството за внатрешни работи, каде што работел во оддел за аналитика. Во 1998 година бил назначен за началник на управата за аналитика и истражување на Министерството за внатрешни работи, а паралелно бил назначен и за портпарол на министерството, како помошник министер за односи со јавност.
Во 2001 година го напуштил министерството и се приклучил на кабинетот на претседателот Борис Трајковски, каде што работел како советник за национална безбедност. Веста за падот на македонскиот претседателски авион во Босна и Херцеговина на 26 февруари 2004 година ја дознал во Даблин, каде што бил претставник на претседателот во државната делегација која тој ден требало да ја поднесе апликацијата на Македонија за членство во Европската унија.
По ненадејната смрт на претседателот Трајковски, Пендаровски бил назначен за претседател на Државната изборна комисија (ДИК) од страна на вршителот на должноста претседател на Републиката, Љупчо Јордановски, како „непартиско решение“, а во пресрет на вонредните претседателски избори во 2004 година, но останал да раководи со ДИК до локалните избори во 2005 година и во исто својство учествувал и во спроведувањето на референдумот за територијална реорганизација.
Откако се повлекол од функцијата претседател на Државната изборна комисија, во 2005 година Пендаровски се вратил во претседателскиот кабинет, овојпат како советник на претседателот Бранко Црвенковски за национална безбедност, а понатаму за надворешна политика. Пендаровски го напуштил претседателскиот кабинет во 2009 година, кога завршил претседателскиот мандат на Црвенковски.
Од 2008 година Пендаровски предава на Факултетот за политички науки при Универзитетот Американ колеџ во Скопје. Некои од областите за кои предава и истражува се: меѓународни односи, разузнавање и национална безбедност, геополитика, глобализација, надворешна политика на САД, надворешна и безбедносна политика на ЕУ, малите држави во меѓународните односи и други.
Во политиката
Иако не бил член на политичка партија, на почетокот на 2010-тите години Пендаровски бил политички активен во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Во тогашната главна опозициона партија тој членувал во Дипломатскиот совет и Советот за ЕУ интеграција на СДСМ, а подоцна бил назначен и за претседател на Советот за безбедност и НАТО интеграција на партијата, како надворешен соработник.
Претседателските избори во 2014 година
Пендаровски бил предложен за кандидат на СДСМ на претседателските избори во 2014 година од сите 76 општински организации на партијата. Тој бил официјално избран за претседателски кандидат на коалицијата предводена од СДСМ на 16-тиот конгрес на партијата на 4 март. Слоганот на кампањата на Пендаровски на овие избори бил „Македонија заслужува претседател“, а неговата програма се состоела од десет начела.
Првиот круг од овие претседателски избори се одржал на 13 април. Во овој круг Пендаровски добил 326 илјади гласови, 37% од вкупните гласови, и со тоа бил второпласиран, зад тогашниот претседател на државата Ѓорге Иванов, кандидат на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот круг учествувале и Илјаз Халими од Демократската партија на Албанците (ДПА) кој освоил 38 илјади гласови (4%) и Зоран Поповски од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) кој освоил 31 илјада гласови (3%). ДУИ не учествувала на овие избори и ги повикала Албанците да ги бојкотираат истите, откако со владејачката ВМРО-ДПМНЕ не успеале да се договорат за консензуален претседателски кандидат. Вториот круг од овие претседателски избори се одржал на 27 април, заедно со предвремени парламентарни. Пендаровски влегол во вториот круг со Ѓорге Иванов.
Политичката криза и потоа
Лидерот на СДСМ Зоран Заев подолго време посочувал дека поседува материјали од телефонски разговори кои незаконски биле прислушувани од тогашната власт. Разговорите кои биле доказ за незаконски дејствија извршени од тогашната власт биле јавно објавувани во рамките на проектот „Вистината за Македонија“. Пендаровски го поддржал проектот, велејќи дека и тој бил прислушуван три години пред да стане претседателски кандидат и дека мотивите за тоа биле политички, со знаење на првите луѓе на Министерството за внатрешни работи и Дирекцијата за разузнавање.
Аферата околу незаконски прислушуваните телефонски разговори заедно со други причини за незадоволство од тогашната власт довела до длабока политичка криза во Македонија, која се развивала подолго време, а се интензивирала на крајот на 2014 и почетокот на 2015 година. За решавање на кризата започнале преговори помеѓу политичките партии во Македонија, со посредство на меѓународната заедница, кои во средината на 2015 година резултирале во потпишувањето на Договорот од Пржино. Овој договор, меѓу другото, предвидувал одржување предвремени парламентарни избори, оставка на тогашната влада на Никола Груевски и формирање нова влада која ќе има мандат до изборите.
На предвремените парламентарни избори во 2016 година Пендаровски бил носител на СДСМ во првата изборна единица која го опфаќа регионот на Скопје. По изборите Пендаровски бил пратеник во Собранието.
Пендаровски во својство на национален координатор за НАТО
Во 2017 година Пендаровски бил назначен за национален координатор за подготовка на Македонија за членство во НАТО и поради тоа се повлекол од пратеничката функција. Како национален координатор за НАТО, Пендаровски бил дел од државната делегација која присуствувала на самитот на НАТО во Брисел во 2018 година, каде што Македонија добила покана за почеток на преговорите за членство во НАТО, откако во јуни 2018 година бил постигнат договор за конечно решавање на разликите со Грција.
Дестан Јонузи