Во своето обраќање на митингот во Радовиш, носителот на изборната листа на СДСМ во ИЕ 4 д-р Венко Филипче се осврна и на предлогот од ЗНАМ на Максим Димитриевски до раководството на СДСМ.
„Понудата на ЗНАМ кон СДСМ не е реална понуда и таква понуда е очекувано да биде одбиена од кое било раководство, затоа што е направена со цел да биде одбиена. Неговиот предлог личи дека е напишан во штабот на ВМРО-ДПМНЕ и тоа е само алиби за да ја оправда коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ во која е ефективно уште од 2021 година“ порача Филипче.
Оние кои му мислат добро на СДСМ, додаде тој, секогаш остануваат и се борат одвнатре да ги менуваат работите на подобро.
„Вистинските социјалдемократи не бегаат и не се обидуваат да ја поделат СДСМ“ порача Филипче и побара масовна поддршка за бројот еден на изборите на осми мај.
Глас против СДСМ дава неограничена моќ за ВМРО-ДПМНЕ за заплашувања и реваншизам, рече Филипче
„Второто полувреме, односно 8 мај е најтешкиот дел од битката и ние исправено ќе се соочиме со предизвиците бидејќи јунаците се препознаваат кога е тешко. Затоа победите имаат многу татковци, а поразот само еден, истакна Филипче.
Филипче упати порака до поддржувачите, оние кои решиле да не гласаат или да гласаат за други партии за да го изразат револтот кон СДСМ.
„Со вашиот глас против не ја казнувате СДСМ, туку ја наградувате ВМРО-ДПМНЕ. И доделувате неограничена моќ која тие најдобро знаат како да ја злоупотребат. Веќе започнаа со заплашувања и реваншизам и нема да престанат тоа да го прават“, рече Филипче и додаде дека токму затоа е потребно обединување бидејќи силата на СДСМ е во единството.