Подадената рака на опозицијата до власта сериозно да се разговара за европската иднина на државата, според познавачите на политичките текови во дипломатијата и домашната политика – дава можност парламентарното мнозинство заедно со опозицијата да разговараат за да изнајдат решение за европскиот пат на земјава.
Според нив, доколку власта сериозно мисли да ја повлече земјата надвор од европското семејство, ова би бил многу непријатен момент за самaта власт.
– Опозицијата и дава уште една шанс на власта на затворена седница на парламентот да дискутираат заедно за овој европски пат, но независно од тоа, сепак епилогот од таквата затворена седница и да биде познат. Зашто мислам дека ова е многу непријатен момент за власта доколку навистина сака да ја повлече Македонија од европското семејство, изјави за „Фронтлајн“, Нано Ружин – универзитетски професор и поранешен амбасадор во НАТО.
Професорот вели – факт е дека по големото заокружување и отстапуање од патот кон Европската Унија со методи кои се надреалистични и нереални од страната на владата, ја изгубивме таа енергија и тоа постапно приближување кон Европската Унија со оглед дека не ја направивме обврската која што ни беше наметната, да влезат македонските Бугари во преамбулата на Уставот заедно со останатите етнички заедници кои не се дел од таа преамбула.
– Сега тоа ни се врати како бумеренг и секој што малку се разбира во европските интеграции, можеше да претпостави дека не доаѓа предвид никакво повторно преговарање и со Бугарија, и со Европската Унија, затоа што тоа е сериозно прашање, сериозна одлука зад која стои Европската Унија и не може тоа како еден вид форма на трговија да се договара и преговара за нешто што е веќе потпишано како договор. Секако дека дел од интелигенцијата на нашата држава и пратениците и политичката елита бараат да се помрднат работите и разбирливо е дека дури одат до таму да некои размислувања, разговорите власт опозиција да бидат решавани на затворена седмица на парламентот, но прашање е дали и тогаш сегашната влада има јасен став и јасни позиции кон Европската интеграција, истакна професорот.
Се добива впечаток, додава тој, дека власта не е многу заинтересирана за понатамошно продолжување на патот на Р.С. Македонија кон членството во Европската унија и се чувствува одредена промена на меѓународен план, така што можеби се создава една друга оска, која што е денес еден вид тренд во Европа, а тоа е дека владата на Мицкоски се приближува се повеќе кон она групација предводена од Орбан, Фицо, Салвини, Мари Ле Пен, и тука сега влегуваат и други држави кои што ја следат оваа опција, пред се тука мислам на Србија, а можеби и нашата држава, политичката елита размислува околу таквиот блок.
– Не можеме да кажеме дека тоа е готова работа, да констатираме дека припаѓаме на оваа групација на држава, но сепак постојат размислување, постојат дилеми и времето ќе покаже дали овие тенденции се точни, вели тој.
Политичкиот аналитичар и долгогодишен новинар Ацо Кабранов смета дека премиерот Христијан Мицкоски нити има ниту прави план за решевање на ветото.
– Не дали Мицкоски и владата се незаинтересирани за ЕУ, туку тоа е уште една потврда дека премиерот и вмровскиот дел од владата не ги интересира интегрирањето во ЕУ, а нивниот коалиционен партнер ВРЕДИ од гарант дека оваа влада ќе го реши условот од Француската рамка за старт на преговорите, го заборави тоа окупирана со приграбување што поголем колач од власата и докажување со ДУИ дека се тие изборот на Албанците во државата, изјави Кабранов за „Фронтлајн“.
Споре него, Мицкоски нити има, нити прави план за решавање на ветото туку ветувањето дека работата на европскиот пат му е мантра а сè што во овие 100 дена владеење направија е спротивно на интеграцијата во ЕУ.
– Мислам и на малите деца им е јасно дека сè што и натаму ветува Мицкоски за Македонија во ЕУ е лага вешто затскриенa зад неговите популистички потези со кои го пере мозокот на народот дека со ова власт ќе им тече мед и млеко, а ЕУ ќе дојде сама, потенцира тој.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче апелираше до премиерот Мицкоски и Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ на собраниска седница пред пратениците и граѓаните (на отворена или затворена седница) да го кажат планот за европската интеграција на Македонија.
– Тие кажуваа дека имаат некаков план, некаква поддршка од некои земји, за тоа дека ќе ги подобрат нашите услови во процесот на преговори меѓутоа ние досега од тоа не видовме ништо. Ниту видовме некој обид да се подобри нашата преговарачка позиција, ниту имаме временска рамка кога тоа ќе се случи и затоа е неопходно што побрзо да се случи таа собраниска седница за да владата и премиерот го кажат планот за нашиот евро интегративен процес. изјави Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Филипче е дециден дека СДСМ ќе даде поддршка на секоја владина стратегија која е значи подобар живот за граѓаните, но нема да прифатат „митингашки пароли“ и празни ветувања.
– Нас не ни требаат ниту флоскули, не ни требаат ниту митигашки пароли, ни треба конкретен план во Собранието Премиерот и ВМРО-ДПМНЕ дојдоа на власт со огромни ветувања дека ќе ја подобрат нашата позиција во тој преговарачки процес, дека ќе обезбедат подобри услови. Имајќи предвид дека тоа не се случува а тие го блокираа европскиот интегративен процес а тоа не го кажаа за време на кампањата. Доколку тоа не се случи, ќе стане очигледно дека станува збор за една голема лага. Во таа смисла ние ќе чекаме да видиме како ќе се одвива тој процес, ќе ја поддржиме секоја стратегија на Владата која што ќе ни обезбеди подобри услови во процесот на преговори. Но нема да служиме за алиби ниту ќе гледаме како тие ја манипулираат и ја лажат јавноста и граѓаните, рече Филпче.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Отворено студио „100 дена Влада” на МРТ, на прашање за повикот на лидерот на СДСМ, Венко Филипче за информирање на планот за надминување на проблемот со Бугарија истакна дека кога ќе има нови детали опозицијата ќе биде информирана.
– Не ја повторуваме истата грешка и нема да ја повториме. Кога ќе има нешто за кое би требало да биде информирана опозицијата, тогаш верувајте веднаш ќе ги информираме. Односно да има напредок за да може да го споделиме со опозицијата. Во моментов се е на позиционирање и поставување на играта и нема поместување, рече Мицкоски.
Патот на Северна Македонија и на Албанија кон членството во ЕУ беше споен со почетокот на преговорите во летото 2022 годинa. Тогаш беа одржани и првите меѓувладини седница на Скопје и Тирана со Брисел, но отворањето на кластерите беше поместено за втората меѓувладина седница.
Претходно, во ноември 2020, Бугарија стави вето за преговарачката рамка за Северна Македонија со Европската Унија поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис за преговарачката рамка на Северна Македонија која прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница. Од друга страна, пак, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
По постигнатото решение, Северна Македонија на 19 јули 2022 година ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени со кои Бугарите ќе ги вметне во Преамбулата.
Дестан Јонузи