Албанија денеска (15 октомври) го отвора првиот т.н кластер на преговори за пристапување во ЕУ, со што се одвојува од Северна Македонија која не го исполни условот да го смени Уставот и да ја внесе бугарската заедница во Преамбулата. За власата ова е лоша порака кон македонските граѓани, додека опозициската СДСМ гледа тежок пораз за политиките на Владата.
Новинарката Слободанка Јовановска која долги години беше известувач од Брисел во изјава за „Фронтлајн“ вели дека не е проблем што Албанија почна преговори, а ние не.
Според неа, процесот е толку бавен што месеци не играат улога.
– Проблем е што во Македонија нема цврста волја да се почнат преговорите и што евроинтеграцијата ја користат партиите за политички пресметки. Мислам дека од ЕУ ги сакаме само парите, а се друго што значи европски стандард отфрламе. Се глуми евроинтеграција и намерно се комплицира процесот. Идејата за нови преговори со Бугарија е апсурдна бидејќи нема големи изгледи да доведе до подобро решение. Мислам сепак дека треба да и оставиме шест месеци на ова влада да покаже што може и дали може да успее, после тоа да не ни го губат времето и да се свратат кон условите што ги бара Брисел, изјави Јовановска.
Д. Јонузи