„Пред СДСМ стојат големи предизвици во наредниот период. Едно е сигурно, на оваа партија не и недостигаат јасни демократски принципи и социјалдемократска идеологија“, велат политички аналитичари, зборувајќи за понатамошниот пат на СДСМ по одржувањето на 30-тиот партиски конгрес.
Љубиша Николовски – новинар и политички аналитичар вели дека засега СДСМ треба да е задоволен што успеа да го одржи 30 Конгрес ако се има предвид дека имаше големи турбуленции пред неговото одржување. Тој истакнува дека пред СДСМ стојат големи предизвици во наредниот период.
– Едно е сигурно, на оваа партија не и недостигаат јасни демократски принципи и социјалдемократска идеологија. Проблемот е што тоа на некој начин останува конзервирано претежно во рамки на партијата и на нејзините природни поддржувачи во општествено-социјалното миље. Но тоа тешко излегува надвор или потешко се конзумира од пошироките народни маси кои историски гледано од осамостојувањето се претежно ВМРОвски настроени, без разлика што тоа значи објективно. СДСМ токму поради ваквата позиционираност на мнозинството, е постојано во дилема дали да остане верна на своите идеолошки принципи, или да инклинира кон благ популизам за да се прикаже како народна партија, иако по дифолт тие се граѓански ориентирани, анализира Николовски.
СДСМ, додава тој, имаше напорен но добро изменаџиран период на владеење.
– Она каде што СДСМ најмногу потфрла е работата на терен и односот кон медиумите. Се плашам дека тоа така и ќе остане и во наредниот период. Тие, раководството, има отпор или страв кон спуштање меѓу широките народни маси и непосреден контакт со нив, освен за време на кампањите пред избор кон нив . Па и тогаш тоа е добро организиано да бидат меѓу своите. Веројатно имаат лошо искуство од навредите за предавници, северџани и сл. Но ако веќе во своите говори се повикуваат на наследство од АСНОМ, на партизаните и сл. треба да знаат дека тоа движење – комунистичкото, настапувало храбро пред народот, во време кога било забранувано и кога летале глави. Сега треба да се ослонат на оние кадровски сили со кои располагаат. Колку се толку се, токму се, подвлече тој.
Според него, СДСМ и раководството треба да сфатат дека партијата не може да ја „снема“, кога се на власт.
– Владата е нешто друго, таму функционираат други правила, коалициски договори, компромиси и т.н. Но базата во секоја смисла на зборот е во партиското седиште. Јас дури и би му порачал на сегашниот лидер да се повлече на Бихачка и од таму да ја води партијата. Таму треба да се гради партиски став по секое прашање кое ќе важи и за пратениците и за младите и за оние на терен. СДСМ мора да биде во секое време достапна за новинарите. Тоа било пракса секогаш во СДСМ. Не може медиумите да немаат кому да се обратат за став или да чекаат по два дена за тоа. Консолидација значи и кадровска и програмска и теренска. нагласи нашиот соговорник.
Политичкиот аналитичар, новинар, и уредник на Нова ТВ – Зоран Иванов, смета дека СДСМ ќе мора „идеолошки“ повеќе да мисли на човекот, на граѓанинот, на неговото секојдневие, на средната класа за која практично постои и која не успеа да ја „инсталира“.
– Како и секоја политичка партија, посебно сега по неочекувано катастрофалниот пораз СДСМ ќе мора „идеолошки“ повеќе да мисли на човекот, на граѓанинот, на неговото секојдневие, на средната класа за која практично постои и која не успеа да ја „инсталира“. Но, од друга страна, ќе биде многу погубно за СДСМ ако заборави на своите иницијална идеолошка матрица. Ако се обиде, како што во изминативе неколку месеци во неколку наврати некако како, свесно, несвесно, веројатно од желба да се додвори до граѓаните, како да заигра на популизам па и на етно популизам а тоа не е СДСМ, изјави Иванов за „Фронтлајн“.
Пред СДСМ, вели тој, е сега тешко време до нивниот нов конгрес догодина и до локалните избори исто така догодина.
– СДСМ никогаш не бил баш многу вешта со „теренот“ но овој пат ја има и таа шанса и таа потреба да стекне симпатии и со континуирани непосредни контакти со луѓето, но ова само доколку во името на СДСМ пред нив, пред граѓаните, се појават членови со дигнитет. Луѓе членови и нечленови реализирани, ценети и успешни или барем потенцијално успешни, како во своите професии и каде што работат, така и во средините каде што живеат. Ако новото партиско раководство низ тој критериум така не ги исселектира своите кадри, во тој случај нека не смета на поволни изборни резултати. СДСМ може да се крене до локалните избори барем толку колку со изборните резултати да прати порака дека не и бега победата на наредните парламентарни. Од сегашна гледна точка времето не работи за новото раководство на СДСМ но затоа пак, новото раководство на СДСМ треба ниту ден да не го губи времето до првите нови парламентарни, анализира тој.
„Со високите партиски тела на СДСМ ќе раководат млади и амбициозни луѓе, кои досега не биле во тесното партиско раководство“, истакна лидерот на партијата Венко Филипче по завршувањето на 30от конгрес на партијата.
За заменик претседател на СДСМ беше избрана Фани Каранфилова Пановска, која доаѓа од невладиниот сектор. Се избра и новото надзорно и изборно тело.
– Вратата на партијата е отворена за сите, таа нема друга алтернатива освен да се врати посилна, а ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја, дополни Филипче.
Посочи дека конгресот е пресвртница на СДСМ за нови победи и таа е единствена која може да ја победи ВМРО ДПМНЕ.
Според партиски информации на „Фронтлајн“, сите досегашни членови на партиските органи се повлекле од конкуренција за резибор, односно на сите овие позиции ќе бидат избрани нови имиња.
Во Март 2025 година, СДСМ ќе организира избори за нов лидер, откако на актуелниот Венко Филипче му истекува мандатот.
Дестан Јонузи