Европската унија го поздрави договорот што го постигнаа главните преговарачи на Србија и Косово за спроведување на декларацијата за исчезнати лица.
-Напредокот е важен чекор напред во нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и спроведувањето на Договорот за патот кон нормализација од 2023 година. Ова е директна придобивка за граѓаните на Косово и за Србија, се вели во соопштението, во кое се повикува двете страни да започнат со работа на целосно спроведување на Договорот.
Главните преговарачи Петар Петковиќ и Бесник Бислими синоќа се договорија да именуваат заедничка комисија за спроведување на декларацијата за исчезнатите, што беше усвоена од лидерите на Србија и на Косово на 2 мај 2023 година во Брисел.
Брисел ги повика Приштина и Белград да номинираат свои претставници за првиот состанок, што треба да се одржи во средината на јануари следната година.
Според соопштението на ЕУ, Мешовита комисија со која ќе претседаваат од ЕУ ќе биде одговорна за следење на спроведувањето на Декларацијата за исчезнати лица.