„Навистина се испратија многу загрижувачки пораки таа вечер на прославата на празникот Св. Сава и тоа во присуство на премиерот, се поставува прашањето дали знае кој му е вицепремиер и во кој формат му организираат настани“, изјави за ТВ 21 претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Премиерот видовме дека пушти некаква реакција, и се добива впечаток дека премиерот е цело време изненаден, од некои изјави на коалициските партнери. Пред некој ден од Таравари, понатаму и од изјавите на гости којшто доаѓаат од странство. Ние мора да внимаваме кој доаѓа и какви гости каниме, поради тоа што ние сме земја членка на НАТО“, рече Филипче.
Тој истакна дека живееме во мултикултурно, мултинационално и мултиетничко општество, па затоа вакви изјави може да бидат навредливи за чувствата на некои од заедниците.
„Дополнително можеби тоа се изјави кои ги навредуваат чувствата на припадници на одреден народ кај нас, а ние сме мултикултурно, мултинационално, мултиетничко друштво и тоа е нашето најголемо богатство“, истакна Филипче.
Настанот за кој зборуваше лидерот на СДСМ не го загрозува само мултикултурниот и мултиетничкиот карактер на земјата. Тој предупреди дека со ова прашање треба да се занимаваат и безбедносните служби, бидејќи, како што рече, може да станува збор и за хибриден напад.
„Треба да се запрашаат можеби и безбедносните служби, знаеле ли кој ќе дојде и какви изјави ќе даваат? Дали можеби станува збор и за хибриден напад? Дали процениле, дали се тоа изјави којшто на една земја членка на и НАТО одат против државните интереси?“, рече Филипче во изјава за ТВ 21.
Премиерот Христијан Мицкоски беше на прославата на Свети Сава во Скопје, заедно со првиот човек на Република Српска, Милорад Додик и српскиот партријах Порфириј.
Д. Е.