Вчерашниот инцидент во македонското Собранието каде министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, ја навреди пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска, велејќи дека нема право да зборува за мајки и семејства, за разлика од неа која е мажена, има семејство и два сина (видео од изјавата на министерката на следниот линк), доби продолжение со дообјаснување од Петровска и Димитриеска-Кочоска. Реакции следеа и од пошироката јавност и од политичките партии.
Славјанка Петровска синоќа во емисијата „24 Анализа“ на телевизија 24 рече „намерата на Кочоска беше да бидам навредена и омаловажена затоа што немам деца“
Пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска во емисијата истакна дека во парламентот упатила прашање, зошто пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не го поддржаа законот за намалување на патните трошоци, на кое не добила одговор.
– Јас добив навреда, но не ја примив навредата, дали беше намерата да бидам навредена и омаловажена затоа што немам деца и немам семејство, апсолутно да. Реакциите кои следуваа на јавноста не само на СДСМ по ова е тоа што всушност го вознемири ВМРО-ДПМНЕ, затоа што видоа дека отиде работата предалеку, нагласи Петровска.
-Наместо тоа мене вака ми се обрати министерката: „Не можам да кажам, почитувана“. Дали јас со нешто ја навредив. НЕ. „За да кажам почитувана мора да ја заслужите мојата почит“, НЕ. Во диктатура е така, во демократија е обратно, министрите се тие кои ја бараат почитта од пратениците, без разлика од која партија доаѓаат. „Врз основа на тоа што вие во уста ги ставате мајките што имаат деца и како знаете вие едно повеќечлено семејство колку треба да троши. Јас сум мајка на два сина“. – на што алудира ова ако не на потценување и обид да ме дискредитира, да ме дискриминира заради тоа што јас немам деца. Тоа е моја лична состојба, мојот личен статус и тоа дали сум сама, дали имам семејство или имам деца е мое лично прашање. Зошто е тоа така знам јас и судбината. Јас жалам што еве веќе 15-тина минути дискутираме за нешто што денеска се случи во парламентот, истакна пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.
Да бевме нормална држава, во којашто постоеше одговорност и во којашто се знаеше редот, кој поставува прашања во парламентот и кој кого повикува на одговорност јас очекував дека досега ќе имавме оставка од министерката, порача пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска во емисијата „24 Анализа“.
Министерката Димитриеска Кочоска во објава на фејсбук не се извини за искажаните зборови кон пратеничката Петровска, рече дека била извадена од контекст и нагласи „Славјанка глуми жртва“.
,,Ја разбирам хистеријата која СДС и нивните ботови ја шират околу мојот политички дуел во сообранието со Славјанка Петровска. Замислете да не беа овие квалификации, редица навреди и лажни обвинувања што ги упатуваат кон мене која сум исто жена, што друго ќе се паметеше од денешната седница.
Што се однесува до моите зборови кон Славјанка Петровска која лично како жена сум ја бранела кога многу други ја напаѓале, беа извадени од контекст и се толкувани како лична навреда.
Никогаш немав и ќе немам намера да ја навредам лично, ниту, пак, да ја сведам дебатата на личен контекст. Јас сум личност од која никогаш нема да слушнете лични навреди, и жалам што дел од јавноста е манипулирана во тој контекст, и жалам што погрешно беа разбрани моите зборови.
Она што сакав да потенцирам беше дека почитта треба да се заслужи со дела и одговорност. Госпоѓата Петровска, освен што стана позната по низа политички гафови и неумесни постапки, беше и доследен поддржувач на политиките на СДСМ и ДУИ – политики кои ја доведоа државата до оваа состојба.
Да потсетам, во времето кога госпоѓата Петровска беше министер, инфлацијата растеше, а не видовме ниту еден конкретен предлог од нејзина страна за подобрување на економската ситуација. Тогаш, кога беше на функција, тоа не ѝ пречеше, но денес зборуваме за состојба што е директна последица на тие политики. Државата беше доведена до работ на банкрот, стотици илјади граѓани се иселија во потрага по подобар живот, а над 600 илјади луѓе живееја во сиромаштија.
Сето ова не сакаат да се слушне гласно, затоа Славјанка глуми жртва“, стои во фејсбук објавата на министерката Димитриеска-Кочоска.
Со осуда за навредите кон Петровска, освен широката јавност, реагираше потпретседателката на СДСМ Кристина Костова, лидерот на СДСМ Венко Филипче и Форумот на жени на СДСМ.
Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, остро го критикуваше излагањето на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, која, како што вели, се обидела да ја потценува пратеничката Славјанка Петровска. Според Костова, изјавата на Димитриеска-Кочоска претставува уште една потврда за родовата дискриминација која, како што посочува, ДПМНЕ ја практикува со цел да ги понижи жените, особено во политиката.
„Оваа изјава е пример на безобразна родова дискриминација. Во обид да избега од личната одговорност за сериозното влошување на животниот стандард на граѓаните, министерката за финансии ја отфрла критиката на Петровска и со потценувачки тон ѝ вели дека не знае колку троши четиричлено семејство,“ објави покрај другото Костова на Фејсбук.
Претседателот на СДСМ Филипче вели: „Шокиран сум од навредата што министерката за финансии, Кочовска, ја упати кон пратеничката Славјанка Петровска. Нејзината дрска и понижувачка изјава – дека Петровска не може да знае колку троши едно четиричлено семејство затоа што нема деца, ме згрози“.
Тој изрази жалење што „Славјанка повторно е мета на напади“.
Според Филипче, со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, „сведочиме на пад на политичката култура и голема нетолеранција кон критиката“. Според него, ако ова е нивното однесување на самиот почеток, во првите моменти на нервоза, можеме само да замислиме што ќе следува.