– Во „новото нормално“ Македонија се придвижува уште подлабоко до режими кои се оценети како авторитарни. Сакаме да припаѓаме на семејство на држави во кои нема демократија, или демократијата е под закана, во кои владее една „цврста рака“ на мал круг на луѓе, многу ниска политичка култура и изборни манипулации колку што сакате, рече Џабир Дерала од ЦИВИЛ, во гостувањето на „24 анализа“ на Телевизија 24.
Тој изјави дека новата македонска власт не е во состојба да ги исполни предизборните ветувања. Според него, досегашните чекори на Владата не даваат сигнал дека земјата вистински се движи кон членство во Европската унија.
„Јасно е дека оваа власт знае дека не може да го исполни тоа што го вети. Ако внимателно се анализираа предизборните наративи, ќе беше очигледно дека нема да има напредок во евроинтеграциите – и токму тоа се случува. Настаните во ОН покажуваат дека кога е клучно, Владата се води од туѓи интереси, а не од сопствените изјави. Декларираната посветеност на европскиот пат се урива со ставот дека Македонија сака во ЕУ, но не под диктат на Бугарија. Тоа сугерира дека предизборните пораки и вистинските постапки не се усогласени, што значи дека нема реално приближување кон Унијата. Европа ни доделува грантови – средства што не мора да се враќаат, додека финансиските договори со Кина најчесто се кредити кои носат обврски“, посочи Дерала.
Тој исто така нагласи дека „продлабочената“ соработката со Унгарија, Србија и Турција нема значително да ја подобри економската состојба во земјата.
„Тоа што ние зборуваме за тоа дека ќе имаме српско-унгарско-руска индустриска зона не значи буквално ништо во економска смисла. Ние не можеме да очекуваме вистински економски напредок врз основа на два меморандуми кои се слкучени. Нема да има ниту многу поголема економска соработка од онаа што веќе ја имаме. таа може само да се намалува во однос на глобалните случувајна што ги имаме и во Европа и во светот. Оваа нова реалност ќе функционира како добра ПР-кампања уште неколку недели, но брзо ќе се распрсне како сапуница. Ќе гледаме свечени церемонии и сечење на црвени ленти, но без суштински промени. Унгарија се соочува со притисок од Брисел поради непочитување на европските стандарди, а Турција има свои економски и политички предизвици“, истакна Дерала.
Ј. Ѓ.