Градоначалничката на Битола Наташа Петровска изврши увид на градежните активности и поставувањето на т.н. дезинфекциони корита за моторните возила кои влегуваат во градот Битола.
Во изјава за јавноста, Петровска порача дека акциите на дезинфекција ќе продолжат, но граѓаните треба уште повеќе да го редуцираат движењето.
– Денеска завршија градежните активности, и поставени се дезинфекциони корита низ кои ќе минуваат и ќе се врши дезинфекција на сите моторни возила што влегуваат во општината. Оваа акција е составен дел на континуираните акции што ги вршиме деновиве, односно дезинфекција на јавните површини и објекти каде постои можност за контаминација и загрозување на населението. Мобилно и со интензивни акции ќе продолжиме, но граѓаните мора да го редуцираат движењето, порача Петровска.