Како што пишуваше „Фронтлајн“ ден претходно, поранешниот советник на Никола Груевски, Азир Алиу, е предлогот за министер за здравство. Коалицијата ВЛЕН информираше дека премиерот Христијан Мицкоски веќе е информиран за овој предлог.
Поранешниот пратеник Зуди Џелили за „Фронтлајн“ изјави дека евентуалното назначување на Азир Алиу за министер за здравство, само затоа што се спротивставил на Арбен Таравари, кој ја напушти коалицијата ВЛЕН и Владата, претставува преседан.
– Овој предлог добива уште посомнителни димензии кога ќе земеме предвид дека Азир Алиу беше советник на поранешниот премиер Никола Груевски, личност која ја напушти власта како симбол на корупција и злоупотреба на службената должност. Во оваа смисла, неговото назначување не е само прашање на внатрешно-политички пресметки, туку покренува сериозни прашања за принципите на самата ВМРО ДПМНЕ, која најави реформи во правосудството и бескомпромисна борба против корупцијата и организираниот криминал, изјави Џелили.
Но, кој е Азир Алиу
Алиу од 2013 до 2017 работел како советник за високо образование, наука и ИКТ во кабинетот на Никола Груевски.
По доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 година, Владата на Зоран Заев обелодени дека Груевски во периодот од 2010 до 2016 година имал вкупно 91 советник, за што се трошеле по најмалку 1,73 милиони евра годишно. На списокот на советници на Груевски, објавен во мај 2018 година, името на Азир Алиу е наведено прво.
Инаку, Алиу е доктор по информатички науки и редовен професор на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.
Дестан Јонузи