Техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, веќе четири дена воопшто не се појавил на редовните состаноци на Кризниот штаб за справување со корона вирусот, а го нема ниту на седниците на Владата.
Во Кризниот штаб и во Владата секој ден се дискутираат и се носат важни одлуки за управувањето на државата во време на вонредна состојба. Чулев и онака, дознава Фронтлајн, малку и ретко учествува во дискусиите и носењето на одлуките и тогаш кога се појавува. Но Чулев, едноставно, го нема овие денови.
Но, тоа воопшто не му пречеше прв да се појави на скопскиот аеродромот за да се слика со словенечката донација од 100 илјади маски и 100 илјади ракавици која пристигна денеска. Во добро расположение, тој на својата Фејсбук страница си објавува повеќе фотографии од денешното примопредавање на помошта од Словенија и ни малку не оддава знаци на истоштеност.
Пред три дена, Чулев соопшти дека е истоштен. Но, еве четврти ден го нема. За каков вид на истоштеност се работи, да не се учествува во процесот на носење важни одлуки за државата и за јавното здравје, а да се биде во добра состојба за фото сесии, останува нејасно.
Впрочем, ситуацијата со овој технички министер може да се утврди и доколку се следат редовните извештаи и фотографски материјал што го објавува Владата во редовната комуникација со медиумите, на своите интернет страници и на социјалните мрежи. Лесно може да се утврди дека него го нема на ниедна од фотографиите што се објавени во последниве четири дена.
Чулев неодамна се сликаше и со воениот злосторник Тарчуловски на големиот христијански празник Прочка. Чуден некој пи-ар (односи со јавноста).