Палестинската група Исламски џихад соопшти дека се согласува со ставот на Хамас за планот на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на огнот во Појасот Газа. Изјавата на Хамас, како што посочуваат, го одразува и ставот на другите палестински групи.
Исламски џихад соопшти дека „одговорно учествувал во консултациите што доведоа до оваа одлука“, објави Ал Џезира.
Хамас претходно соопшти дека е подготвен да ги ослободи заложниците што ги држи во Газа според предложениот договор на Трамп, под услов деталите да бидат договорени и Палестинците да имаат право на глас во идното управување со територијата.
Мировниот план на Белата куќа за Газа, предвидува крај на конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, како и осолбодување и враќање враќање на сите заложници во рок од 72 часа од јавното прифаќање на договорот.
Планот, меѓу другото, предвидува дека израелските сили ќе се повлечат на договорените линии за да се подготват за ослободување на заложниците, а откако ќе бидат ослободени сите заложници, Израел ќе ослободи 250 Палестинци кои отслужуваат доживотна казна затвор и 1.700 жители на Газа кои се притворени од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година.
Според планот, Појасот Газа би бил ставен под контрола на меѓународно тело, предводено од Трамп, а во кое би бил вклучен и поранешниот британски премиер Тони Блер.