Руското влијание на Западен Балкан се префрли од класични геополитички механизми кон долгорочна хибридна стратегија, насочена кон политичка дестабилизација, ерозија на институциите и забавување на евро-атлантската интеграција. Тоа го покажуваат анализите на Европскиот парламент, Freedom House и најновиот извештај за рано предупредување на ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Според Европскиот парламент, Москва веќе не се потпира на традиционална „тврдa моќ“, туку на широко распослана мрежа од медиумски операции, политички партнери, религиски структури и економски интереси. Целта е да се искористат постоечките слабости на државите од регионот – поларизација, нерешени спорови и кревки институции – и да се создадат услови за трајна нестабилност. Русија, наведува извештајот, „не гради системи, туку ги користи туѓите пукнатини“.
Северна Македонија, според Freedom House – Nations in Transit 2024, останува во категоријата „хибриден режим“ со сериозни демократски предизвици. Политичка поларизација, партизирани институции, ограничена независност на медиумите и корупциски ризици ја прават земјата особено подложна на надворешни дезинформациски и политички влијанија. Според извештајот, системот е заглавен во „циклични периоди на застој и назадување“, што го забавува европскиот процес.
Најсилниот механизам на руското присуство во регионот е медиумскиот апарат концентриран во Србија. Таму, провладините таблоиди, националните телевизии и мрежата на портали блиски до Sputnik и RT Balkan пласираат силна анти-ЕУ и анти-НАТО реторика. Овие содржини потоа се пренесуваат и во медиумите во соседството, вклучително и во Северна Македонија. Во домашниот онлајн-простор се рециклираат наративи што го поткопуваат довербата во евроинтеграциите и ја продлабочуваат меѓуетничката и политичката поларизација.
Србија се издвојува како најголем регионален хаб за ширење на руското влијание. Владината политика на „стратешка двојност“ – формална ориентација кон ЕУ, паралелно со силни односи со Москва – создава амбиент во кој руските пораки лесно циркулираат. Дополнителна улога има Српската православна црква, која преку својата регионална инфраструктура пренесува наративи за „традиција“, „суверенитет“ и „безбедносна неутралност“.
Босна и Херцеговина е оценета како најранлива точка. Република Српска со години генерира институционални блокади и сепаратистички пораки. Политиките на Милорад Додик, поддржани од Москва, ја држат земјата во трајна криза. Целта, повикувајќи се на анализите, не е распад, туку постепена ерозија на функционалноста, со што се блокира напредокот кон НАТО и ЕУ.
Косово, иако без директно руско присуство, е ранливо на брзи ескалации преку дезинформациски мрежи и паралелни структури на северот. Една кампања со лажни вести може „за неколку часа да предизвика криза на терен“, предупредуваат експертите.
Северна Македонија, Црна Гора и Албанија претставуваат три различни модели на изложеност. Северна Македонија е погодена преку политички партии, медиуми и онлајн-платформи што шират антизападни или проруски ставови, најчесто поврзани со НАТО, идентитетските прашања и меѓуетничките односи. Црна Гора се соочува со силни идентитетски поделби и религиски влијанија, додека Албанија е отпорна, но подложна на „увезени“ регионални дезинформации.
Според анализата, следните шест месеци се оценети како период со зголемен ризик за нов бран дезинформации, тактички инциденти во Косово, микро-кризи во Босна и политички притисоци во Црна Гора. Секој нов потрес дополнително ја зајакнува регионалната улога на Србија како политички посредник – позиција што индиректно го засилува и руското влијание.
Овие наоди произлегуваат од документите на Европскиот парламент „Russia’s Influence in the Western Balkans“, Freedom House – „Nations in Transit 2024“, како и од најновиот Извештај за рано предупредување на ЦИВИЛ – Центар за слобода, објавен на меѓународната платформа Civil.Today.
Дестан Јонузи





