Командантот на украинските вооружени сили, генерал Олександр Сирски, во интервју за Sky News, предупреди дека Москва ги злоупотребува мировните иницијативи посредувани од САД како параван за нови офанзиви по целата фронтова линија. Според него, Украина нема да прифати никаква „размaна на мир за територија“, ниту ќе се согласи на договор што подразбира повлекување од Донбас.
„Ние се бориме токму затоа што не сакаме да ја предадеме нашата земја. За нас е неприфатливо да се отстапи територија. Што значи тоа – да ја предадеме нашата земја?“, изјави Сирски во интервјуто дадено во источното крило на фронтот, на локација што од безбедносни причини не беше откриена.
„Стоп – примирје – преговори. Без предуслови.“
Командантот, кој ретко настапува јавно, ги дефинираше и „црвените линии“ на украинската армија. Според него, единствено праведен договор е оној што ќе предвиди:
– прекин на огнот по актуелната линија на судир,
– па дури потоа преговори, без какви било услови.
„Стоп. Примирје. И потоа преговори, без никакви услови. Секој друг формат би бил неправеден мир – и за нас е неприфатлив“, порача тој, делумно и на англиски јазик.
Ова е најјасен сигнал досега дека украинската армија нема намера да ја прифати почетната верзија на американскиот мировен предлог, кој според Sky News предвидувал целокупниот Донбас да премине под контрола на Москва.
Предупредување до Европа: „Ако ние не сме тука, други ќе мора да се борат“
Сирски предупреди дека руската офанзивност е непрекината, без паузи и без знаци на намалување, иако Кремљ јавно тврди дека сака преговори.
„Непријателот продолжува со офанзиви по целиот фронт. Нема паузи, нема одложувања. Тие се обидуваат да заземат што е можно повеќе територија под параван на преговори.“
Во однос на можен прекин на американската помош со новата администрација во Вашингтон, тој беше внимателен, но јасен:
„Многу сме благодарни за поддршката од САД и од сите партнери. Се надеваме дека ќе продолжи. Но Европа мора да биде подготвена, ако е потребно, да ја обезбеди целата неопходна поддршка. Зашто ние не ја браниме само Украина – ја браниме цела Европа. Ако не сме тука, други ќе мора да се борат.“
Дронови, артилерија и загуби: суровата слика на фронтот
Генералот откри детали за моменталната состојба на боиштата:
– Русија секојдневно лансира 4.000–5.000 дронови самоубијци и дополнителни 1.500–2.000 дронови за фрлање бомби. Украина лансира ист волумен – и малку повеќе FPV дронови.
– Русија располага со двојно повеќе артилериски проектили, но дроновската војна доминира: 60% од ударите се изведуваат со дронови.
– На фронтот се распоредени над 710.000 руски војници, со 1.000–1.100 загуби дневно, „и повеќето се убиени“, вели Сирски.
– Најтешките борби се водат околу Покровск, Купјанск, Лиман и Хуљајполе.
„Нашата стратегија е да ја исцрпеме руската армија, да го спречиме нејзиното напредување, да го задржиме нашиот територијален интегритет и истовремено да ги погодуваме руските цели во блиската и длабоката позадина – па и во самата Русија.“
Украинските удари во длабочината на Русија
Сирски потврди дека Украина ќе продолжи да ги користи далекудострелните дронови што ги разви во домашната индустрија за да погодува: воени складишта, нафтени рафинерии и критични енергетски извори што ја финансираат руската воена машина.
„Ако ние не го правиме ова, јасно гледаме што оставаат зад себе – само урнатини и смрт.“
Порака до Европа
На крај, генерал Сирски упати порака до европските влади:
„Постоењето на агресивни држави – пред сè Руската Федерација – значи дека секоја земја мора да има современи вооружени сили и капацитет да ја одбрани својата територија и сојузниците“.
Редакција Фронтлајн







