Голем интерес за најновата апликација за заштита и спречување на ширењето на корона вирусот.
За само еден час по прес конференцијата на министрите Дамјан Манчевски и Венко Филипче, нови 5000 корисници ја симнале апликацијата само на Андроид платформата, а од вчера, дури и пред официјално да се најави, апликацијата ја симнале уште 5.000 илјади корисници со што вкупниот број на корисници достигнал до над 10.000.
Министерот за информатичко општество, Дамјан Манчевски објасни на денешната прес конференција дека апликацијата е безбедна, ги штити личните податоци и служи само за идентификација и најава доколку се доближиме до лица кои се заразени со корона вирусот.
– Корисникот е потребно доброволно да го внесе својот мобилен број за да ја активира апликацијата. Овој податок се евидентира на безбеден сервер на Министерството за здравство и ниту еден друг корисник нема пристап до мобилните броеви или некаде се чува податок за сопственикот на бројот, изјави Манчевски.
Проектот е донација од приватна македонска компанија и се користи на доброволна основа од страна на граѓаните.
А.Зеќири