Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека Градот започнал голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и узурпираните јавни површини, потенцирајќи дека нема да има никакви отстапки кога станува збор за јавниот интерес.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, порача Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој нагласи дека јавните површини им припаѓаат на граѓаните и дека тротоарите, пешачките патеки и заедничките простори не смеат да бидат заложници на лични интереси.
„Тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на ничиј личен интерес. Повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на нашите сограѓани“, истакна градоначалникот.
Според Ѓорѓиевски, акцијата ќе продолжи со засилено темпо и ќе ја опфати целата територија на градот Скопје. Тој ги повика и граѓаните активно да се вклучат во процесот преку пријавување на објекти кои го окупираат јавниот простор.
„Ова е процес во кој сите сме партнери. Ги повикувам граѓаните на Скопје активно да се вклучат, да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор и да помогнат да изградиме град во кој владее ред, достоинство и еднаква пристапност за сите“, порача Ѓорѓиевски.
На крајот, тој порача дека целта е создавање град по мерка на граѓаните. „Заедно градиме град каков што заслужуваме“, напиша градоначалникот.







