Телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин предизвика сериозна загриженост кај украинските власти, непосредно пред најавената средба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, откриваат извори запознаени со состојбата, пишува Financial Times.
Според луѓе блиски до украинскиот претседател, разговорот не бил „добар за расположението“ во неговиот тим. „Ќе биде тешко сега“, изјавил еден извор, алудирајќи на стравувањата дека американската позиција би можела да биде обликувана под силно руско влијание.
Загриженоста дополнително се потпира на искуството од претходните средби. Советниците на Зеленски се потсетуваат на состанокот со Трамп во октомври, кој исто така претходел со телефонски разговор меѓу американскиот и рускиот претседател. Веќе следниот ден, во Белата куќа, Трамп покажал отворена фрустрација кон Зеленски и неговиот тим, дури фрлајќи мапи од фронтот и инсистирајќи Украина да се откаже од целиот источен регион Донбас.
Според истите извори, Трамп тогаш повторувал аргументи и позиции што Путин ги изнел во нивниот разговор ден претходно, што дополнително ја засилило недовербата кај украинската страна.
Трамп: имав „добар и многу продуктивен разговор“ со Путин
Доналд Трамп рече дека имал „добар и многу продуктивен телефонски разговор“ со рускиот претседател Владимир Путин пред самитот САД-Украина.
Во објава на неговата платформа Truth Social, американскиот претседател рече:
„Тукушто имав добар и многу продуктивен телефонски разговор со претседателот Путин на Русија пред мојот состанок, денес во 13:00 часот, со претседателот Зеленски на Украина“.
Русија, пак, веќе јасно стави до знаење дека ќе ги отфрли сите обиди за измена на мировниот план што САД го изработиле есента, а кој, според повеќе извори, бил подготвен со значително учество на Москва.
Разговорот Трамп–Путин затоа се гледа како клучен фактор што може да ја одреди атмосферата и исходот од американско-украинските разговори, во момент кога Киев се обидува да обезбеди поцврста поддршка и јасни безбедносни гаранции.
Ј. Ѓ.







