Дали после овој текст, на Фејсбук профилот на премиерот конечно ќе видиме честитка?
Македонските олимпијци го одиграа најтешкиот дел: стигнаа до Милано–Кортина, излегоа под рефлектори, го изнесоа знамето пред целиот свет. На социјалните мрежи, луѓето интуитивно се вклучија во истиот ритам. Споделени видеа, паузирани снимки од телевизор, коментари „ова е нашиот момент“.
Токму таму, каде што во 2026 година се мери пулсот на јавноста, недостасуваше еден единствен глас – оној на премиерот. Ниту објава, ниту честитка, ниту знак дека барем го видел истиот пренос што го гледале неговите сограѓани.
Во меѓувреме, мапата околу нас изгледа сосема поинаку. Регионалните лидери како Вјоса Османи, Киријакос Мицотакис, Наташа Пирц Мусар и Еди Рама изгледаат како луѓе кои разбираат дека спортот е политичка сцена од друг вид, онаа на емоциите и заедништвото. Нивните објави не решаваат кризи, но прават нешто друго: градат доверба. Кога шеф на држава јавно ќе ти каже „горди сме на вас“, знаеш дека твојот труд има лице и име на оној што те води.
Македонската празнина на премиерските профили на Фејсбук и Инстаграм прави спротивен ефект. Наместо чувство дека „сите сме заедно во ова“, останува тишина која звучи како дистанца. Не изгледа како личен конфликт, туку како одлука да не се види моментот во кој државата може да биде нешто повеќе од партиска сцена.
На крајот, бројките на резултатите ќе се заборават побрзо од чувството што денес го имаат спортистите и граѓаните. Комшиите ќе се сеќаваат на честитките и заедничките фотографии со своите лидери. А, дали ние ќе се сеќаваме на Олимпијада на која трибините беа полни со поддршка, а профилот на премиерот остана празен, како симболична слика колку малку понекогаш значи „државата“ кога најмногу ни треба.
Д. Е.














