Млади од Битола и од руралните средини преку проектот „Прва уметничка бригада“ јавно ги отворија проблемите со кои се соочуваат секојдневно – нефункционален јавен превоз, загаден воздух и масовно иселување, информира Фондацијата Божиновски Битола.
Како што се наведува во соопштението, во изминатите два месеци учесниците поминале низ интензивен процес на уметнички работилници, користејќи ја методологијата „Театар на слики“, при што уметноста била искористена како алатка за критичко размислување и општествено дејствување.
„Преку телото, сликата и зборот, младите ги отворија своите лични приказни и ги претворија во колективна порака – младите не сакаат да заминуваат, туку сакаат услови за достоинствен живот“, се наведува во информацијата.
Кулминација на процесот бил циклусот јавни настани под наслов „Прва уметничка бригада во Февруарски поход“, реализиран од 2 до 5 февруари 2026 година на повеќе локации – на јавни простори во Битола, во СОЕУ Јане Сандански, во ОУ Кочо Рацин – Ивањевци и во ООУ Браќа Миладиновци – Добрушево.
Преку перформативни поставки и презентации со наслови „Билет за дома“, „Дозвола за дишење чист воздух“ и „Е па чао…“, младите им се обратија на своите врсници, на граѓаните и на носителите на одлуки, кои, како што велат, ги препознаваат како потенцијални соработници.
Од Фондацијата Божиновски Битола истакнуваат дека „Прва уметничка бригада“ не создава уметнички дела во класична смисла, туку гради „гласна, свесна и организирана генерација млади луѓе“ која одбива да биде само статистика и да замине тивко.
Проектот е реализиран од Фондација Божиновски Битола во соработка со Центар за култура Битола и ЗГ Солак, а е поддржан во рамки на програмата „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, која ја имплементира Хартефакт Фонд.











































































































