Жена пукала со пушка од типот AR-15 пред домот на поп-ѕвездата Ријана во Лос Анџелес, но во инцидентот нема повредени, соопшти полицијата, јави американскиот медиум Ен-Би-Си Њуз.
Според полицијата на Лос Анџелес, нападот се случил во неделата околу 13:15 часот во куќата што пејачката ја дели со раперот Еј-Ес-Еј-Пи Роки во луксузната населба Беверли Крест, недалеку од Беверли Хилс.
Полицијата соопшти дека Ријана била дома во моментот на пукањето, но никој не бил повреден.
Напаѓачката приведена
Жената која се сомничи за нападот е приведена, а полицијата соопшти дека оружјето било пронајдено на местото на настанот.
Според полициските информации, биле испукани најмалку четири куршуми или нивни фрагменти погодиле делови од имотот.
Името на осомничената засега не е објавено.
Капетанот на полицијата на Лос Анџелес Мајк Бланд изјави дека повеќе информации за случајот, вклучително и можните обвиненија, ќе бидат соопштени во текот на понеделникот.
Не е познат мотивот
Полицијата соопшти дека осомничената дошла со автомобил до куќата и почнала да пука кон имотот.
Засега не е познат мотивот за нападот.
Не е јасно дали раперот Еј-Ес-Еј-Пи Роки или децата на парот биле во куќата во моментот на пукањето.
Истрагата ја води специјална полициска единица
Случајот го истражува елитната единица за грабежи и убиства на полицијата во Лос Анџелес.
Телевизиски снимки направени од полициски хеликоптер покажале дупки од куршуми на портата од имотот, додека улицата пред куќата била затворена со полициска лента.
Домот на Ријана се наоѓа во престижната населба Беверли Крест, околу 30 километри северозападно од центарот на Лос Анџелес.
Редакција Фронтлајн







