Џабир Дерала | ГРАДСКА.МК
ЛИНК ДО ПРВИОТ ДЕЛ: Градот останува, животот исчезнува
Утрото во градот на иднината може да започне со отворен прозорец, сенка од дрворед и бесшумен автобус што пристигнува навреме. Водата тече, струјата е достапна, а училиштето е на безбедно пешачко растојание. Оваа слика може да стане остварлива иднина и за градовите што денес се борат со загадување, недостиг, пренатрупаност или последиците од војната.
Во првиот дел пишувавме за градот што останува додека животот исчезнува. Но таа траекторија може да се промени. Позитивното сценарио започнува со признавање на опасностите и со одлука заштитата на животот да стане мерило на урбаниот развој. Напредокот тогаш се препознава во сигурноста на секојдневието, достапноста на услугите и времето што им останува на луѓето за себе и за другите.
Првата промена би се чувствувала на улица. Дрворедите, засенетите тротоари, парковите и обновените речни корита би станале основна инфраструктура. Површини што ја впиваат дождовницата би го намалувале површинското истекување, а зачуваното зеленило би помагало против прегревањето. Експертите и меѓународните институции ги препознаваат придобивките од поврзувањето на природните решенија со урбаното планирање. За тоа се потребни соодветни видови дрвја, простор, вода и постојано одржување.
Градот би морал подобро да се грижи и за постојните домови. Изолацијата, надворешното засенување и поефикасното греење и ладење можат да ги намалат сметките и изложеноста на екстремни температури. Јавната поддршка би започнувала од домаќинствата што најтешко ги плаќаат овие подобрувања. Обновата би била придружена со достапно домување и заштита од истиснување на жителите преку растечки кирии.
Пократките секојдневни патувања би ослободиле време и енергија. Населби со училишта, амбуланти, продавници и културни простори во близина, поврзани со сигурен јавен превоз, би ја намалиле зависноста од автомобилот. На децата би им се вратил дел од просторот за игра, а на повозрасните и лицата со попреченост ќе им биде овозможено самостојно да учествуваат во градскиот живот.
Сигурноста на водата и енергијата би се градела преку повеќе извори и помалку загуби. Поправката на водоводните мрежи, заштитата на извориштата и користењето дождовница за соодветни намени би ја намалиле ранливоста на жителите на градот. Соларните покриви, батериите и локалните енергетски заедници би ја дополнувале јавната мрежа. Болниците, пумпните станици и засолништата би имале резервно напојување, редовно проверувано и подготвено за прекини.
Тука вештачката интелигенција може да има практична улога. Со квалитетни податоци, таа може да помогне во предвидувањето на потрошувачката, откривањето неправилности и подоброто управување со електроенергетските мрежи. Во градските служби, внимателно проверени системи би можеле да помогнат во откривање истекувања, планирање превоз и процена каде што се потребни итни интервенции.
Во секој случај, вештачката интелигенција налага одговорно управување. Нејзините препораки мора да се проверуваат, а одлуките што влијаат врз правата на луѓето да останат под човечка одговорност, со можност за едноставни и брзи процедури на обжалување на одлуките. Личните податоци мора да бидат заштитени. Граѓаните би имале пристап до услугите и без паметен телефон. Дата-центрите, пак, би добивале дозволи според реалните капацитети за струја и вода, со јавно прикажана потрошувачка и правично учество во инфраструктурните трошоци.
Војната поставува потешки услови за сево ова. Ниту еден урбанистички план не може да гарантира безбедност од ракетен напад. Сепак, достапни засолништа, резервни комуникации, обучени служби и заштитени екипи за поправки можат да ја намалат ранливоста. Искуствата од градовите погодени од војна ја покажуваат исклучителната важност на луѓето што ги одржуваат основните системи. Притоа, обновата мора да ги вклучи и раселените жители, нивните права и можноста за безбедно враќање. Украина е извонреден и жив пример за таквата истрајност. Под секојдневен руски терор врз цивилите и инфраструктурата, институциите, локалните власти, спасувачките и комуналните служби, волонтерите и заедниците постојано работат на заштита, спасување, обновување на основните услуги и поддршка за раселените. Тоа е огромен напор што мора да се повторува по секој нов напад.
Против хибридните операции, градот би вложувал во сајберзаштита, резервни копии и проверливи канали за предупредување. Довербата би се градела со навремени, точни информации, признавање на грешките и соработка со независни медиуми и граѓански организации. Во криза, институција што јасно кажува што знае, што проверува и кога ќе известува континуирано, остава помалку простор за паника и манипулација.
Миграцијата би се управувала со подготовка и вклучување. Дополнителни места во училиштата, јазична поддршка, признавање квалификации и пристап до законска работа би им помогнале на новодојдените да придонесуваат во заедницата. Истовремено, вложувањата во домување и услуги мора да ги опфатат и долгогодишните жители. Солидарноста добива цврста основа кога луѓето гледаат дека никој не е заборавен.
Сето тоа чини пари, бара стручни луѓе и надминува еден изборен мандат. Затоа градовите би морале јавно да ги утврдат приоритетите, без политички калкулации и коруптивни зделки. Прво најизложените населби, најголемите загуби и најкритичните услуги. Државната и меѓународната поддршка, транспарентните набавки и обезбедените средства за одржување би биле пресудни. Успехот би се мерел со помалку прекини, пониски трошоци и подобри услови за живот.
Во таквиот град, библиотеката, соседскиот центар и јавниот плоштад повторно би имале значење. Таму би се среќавале луѓе што можат да си помогнат, да разговараат и да бараат одговорност. Токму тие врски ја прават заедницата поспособна да издржи удар и да закрепне.
Градот на иднината ќе има проблеми. Но може да има и поголема способност да ги решава правично. Надежта станува реална кога добива буџет, рок, одговорни институции и гласни граѓани. Тогаш градот повторно станува дом.






