Од политичките изјави и прес конференции, во АКЦЕНТИ се издвојува прес конференцијата на Снежана Калеска-Ванчева, координаторка на Форум на Жени на СДСМ. Нејзината изјава се надоврзува на веста за напредокот кој нашата земја во бележи и оваа година во сферата на слобода на медиумите, според извештајот на Репортери без граници.
Според извештајот, Северна Македонија бележи скок од три места во однос на минатата година, а во споредба со 2016 година, кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ, се бележи подобрување од 19 места.
„Во 2016 година се шепотеше, сега гласно се зборува. Спроведените реформи, демократското владеење, почитувањето на човековите права и слободи, придонесоа за напредок на нашата држава во однос на слободата на медиумите. Секако дека има уште предизвици и треба да се продолжи со реформите и со постојано унапредување на медиумските слободи. Репортери без граници во своите извештаи како проблем редовно го издвојуваат работењето на Националниот јавен сервис, кој според Извештајот на оваа организација, сѐ уште е под контрола и во функција на ВМРО-ДПМНЕ“ – изјави Калеска-Ванчева.
Критика за работата и потреба од подобрување на независноста на јавниот сервис беше нотирана и во извештајот на Европската комисија за напредокот на нашата земја, потсети Калеска-Ванчева.
„ВМРО-ДПМНЕ, со месеци свесно го кочеше изборот на членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и изборот на членови на Програмскиот совет на МРТ. ВМРО-ДПМНЕ е последниот кочничар на медиумските реформи и последен столб на остатоците од груевизмот“ – рече Калеска-Ванчева и, во името на СДСМ, ги повика кадрите на ВМРО-ДПМНЕ веднаш да дадат неотповикливи оставки од своите позиции како членови на Советот на АВМУ и Програмскиот совет на МРТ и да се отворат вратите за нивна целосна професионализација.
„Потребно да се изврши избор согласно новите законски одредби, што ќе значи департизирање и професионализирање и на Советот на АВМУ и на Програмскиот совет на МРТ. Професионализацијата на Агенцијата и МРТ е од особено значење за реформата на медиумите и унапредување на демократските вредности во државата. Реформите мора да продолжат во интерес и на државата, на граѓаните, но и на медиумите“ – заклучи Калеска-Ванчева на денешната прес конференција посветена на медиумските слободи, а по повод најновиот извештај на Репортери без граници.