КОАЛИЦИЈАТА на СДСМ изборната кампања ја почна во Струмица. Зоран Заев кажа дека во изминатите три години државата е на прав пат, а економјата е стабилна, растат платите, а паѓа невработеноста.
– За три години ги остваривме ветувањата за повисоки плати и социјална помош. Сега со чист образ ја нудиме нашата нова понуда и ветуваме, пишува на профилите на социјалните мрежи на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
НОСИТЕЛКАТА во ИЕ 4 Соња Мираковска: Напоредно ќе работиме на темите коишто се важни за поединецот, како и за целото општество, затоа што единката е дел од заедницата. Само кога се слушаме едни со други и покажуваме интерес за проблемите и идеите на другиот, заедно растеме.
ЦАРОВСКА: Видовме 11 години дека ВМРО ДПМНЕ ништо не направи за европската перспектива, а ние кога почнавме да правиме нешто ВМРО ДПМНЕ не се вклучи да помогне. Затоа Меркел го поддржа Зоран Заев, а таквите големи лидери поддржуваат единствено политичари кои имаат визија.
НИКОЛОВСКИ, носител на ИЕ 3 од Виница порача: Од успесите нема да се срамиме. Нашиот концепт беше „Парите ги враќаме кај граѓаните”. Денеска чесно и одговорно велиме дека за помалку од три години тоа го остваривме, но секогаш може повеќе, секогаш може подобро.
На ВТОРИОТ ден од кампањата за предвремените парламентарни избори, партиите и коалициите ќе ја претстават својата политичка понуда на средби со граѓани, почитувајќи ги притоа мерките за заштита од Ковид-19. Нема да изостане кампањата и на социјалните мрежи, како и на традиционалните медиуми.
ДПА во Тетово ја одржа првата предизборна средба со членови, граѓани и симпатизери. Лидерот Мендух Тачи посочи дека главниот фокус на неговата партија по овие избори ќе бидат пропорционалната распределба на буџетот и консензуалната демократија.
ПРВАТА детска амбасада во светот Меѓаши ги повикува сите политички партии и нивните членови во предизборниот период да посветат должно внимание на децата и почитувањето на нивните права, особено да не ги инволвираат на каков било начин за време на престојните парламентарни избори.
Во МОМЕНТОВ во земјава се активни 3.095 случаи на заразени лица со Ковид-19. Од почетокот на епидемијата досега се регистрирани 5.445 заболени, оздравени се 2.091, а починаа 259 лица.
ВАРХЕЈИ: Во наредните денови Европската комисија ќе ја претстави Нацрт преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија во Советот на ЕУ, заедно со ажурираниот извештај за напредокот на овие две земји.
ИРАНСКАТА полиција уапси три лица осомничени дека се обиделе да продаваат бебиња преку „Инстаграм“, објави денес новинската агенција „Исна“.
УСТАВНАТА реформа предложена од рускиот претседателот Путин ќе му овозможи да остане на власт до 2036 година. Тогаш рускиот шеф на државата ќе има 84 години.
Од НАЈНОВАТА анкета се дознава дека Џозеф Бајден има 14 процентно водство пред претседателот Доналд Трамп.
САД сметаат дека поднесувањето обвинение за воени злосторства против Хашим Тачи, Кадри Весели и други, објавено од Канцеларијата на независното Специјално обвинителство, е чекор кон правдата и процесот на помирување во Западен Балкан, изјави портпаролот на Стејт департментот.
ОД утре целосно се отвораат сите гранични премини во државата со што македонските државјани и странците ќе можат непречено да се движат без обврска за ПСР тест и државен карантин.
ВРЕМЕТО во земјава ќе биде сончево и потопло со мала до умерена облачност.
А. Н. С.