пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Што отвори ДУИ со ПР трикот – Џокерот – Албанец за премиер и Зошто да не?
Оваа колумна сакав да ја напишам после фокус групата на која учествував пред некое време на тема Национализам, но ете сега и било времето. Извонредна дискусија на шест соговорници од различни националности, за тоа каде се корените, и како да се надмине национализмот. Беше тоа на сред кампањата пред да се донесеме во ситуација да не знаеме што со нас и како понатаму.
А зошто побогу да не знаеме како понатаму, кога стасавме бааѓи далеку ако се земе од каков јаден старт почнавме?
Генералниот впечаток за трикот од ДУИ е дека станува збор за извонредно добро смислен пи-ар слоган, на кој како и да одговориш си заебан. Ако си Албанец и се обидеш со – ама не… тогаш не си Албанец, ами, нели, албанец. Ако не си Албанец и се обидеш со – ама… тогаш си националист. Ако пак си Албанец или Македонец, Ром, Србин, Бошњак, Турчин, Влав… и не се обидеш никако, тогаш оставаш простор дека ДУИ одбрале извонредна стратегија со која во секој случај добиваат.
И, им успеа. Е сега, дали е тоа конечното „за жал им успеа“, е она на што јас сакам да се навратам.
Зошто ДУИ посегна по еден ваков маркетинг трик е повеќе од јасно. Партија која е во гарнитурата на власт 18 години, корумпирана до немајкаде, а за цело време се шлепа на тема „национализам“, друго ни знае нит па нешто друго и им преостанува. Откако Алијанса, Алтернатива и Беса, се консолидира и профилираа во здрава опозиција на бандата од Зајас и сите предвидувања беа дека ќе им клецнат колената на ДУИ на овие избори, Али и дружината насетија дека им е потребен драматичен пресврт и посегнаа по добро осмислениот маркетиншки трик.
– Ќе им дадеме на Албаниците нешто, на што нема да можат да му одолеат.
Не е некоја филозофија дека без ДУИ, или која и да е посилна партија на Албанците во Македонија нема да може да се состави влада. Во ситуација кога последните три години успешно се возеше антинационализмот, кога немаше подметнувања таборења и игри, во унапредувањато, продлабочувањето и реализирањето на правата на албанците, тргнувајќи од Законот за јазици, до регионалната распределбата на буџетот и безмалку во сите општествени сегменти, туку напротив, тоа си земаше еден нормален, да не речам, природен тек, ДУИ почна да се чувствува несигурно. Далеку сето тоа беше од нешто идеално, преостанува уште многу работа, но навистина можеше да се насети дека тоа е патот, кој беше поздравен од сите внатре, а и од европските партнери. ДУИ почна да го губи тлото под нозете и да не се снаоѓа во таква една по долго време (би рекол и за прв пат) нормална ситуација и `и требаше пресврт, односно враќање на една антагонистичка атмосфера на поделеност.
За познавачите на политичките прилики ич не беше тешко да се претпостави дека ДУИ нема друг избор, туку да посегне по единствената карта -„национализмот“ која во таков за нив извесен губитнички исход беше единствениот спас. Така и направија.
И почна последното „делење“ во покерот наречен Избори. Во претходните „делења“, јасно беше дека ДПМНЕ со онаков слаб блефер Мицкоски, се аутсајдери и дека ќе ги положат картите, тоа им го кажуваа нивните интерни анкети па затоа, нели, се обидуваа на секој начин да ја одложат, „партијата“. Коалицијата СДСМ Беса имаа добра „рака“, Алијансата и Алтернатива, исто така. ДУИ немаше добри карти во рака, но како искусни очајници сè фрлија на картата што ја отскријаа први, а беше нели Џокер, па како на искусни играчи и добри блефери мораше сериозно да се смета. Почнаа влоговите. Мицкоски прв ги исфрли картите, другите од масата ги дуплираа влоговите и сè уште се во игра. ДУИ конечно ја стави на маса картата што е замена за која и да е друга картата што ти е потребна- Џокер.
Направија и чекор понатаму, па понудија силината на нивниот Џокер да ја поделат со Алијанса и Алтернатива, за и тие ги врзат нивните послаби карти и добијат дел од влогот што е на маса. Не дека ДУИ беа заинтересирани за заедништво, но од чисто лукративни причини, знаеја дека ако го сторат тоа, ем ќе излезат тие како победници, ем ќе бидат „наводни“ обиденители и силно ќе му се спротистават на посилниот играч што и без Џокерот имаше најдобри карти. Сјајот на понудениот Џокер од една страна почна да ги заслепува Алијансата и Алтернатива, а од друга страна сакаа по секоја цена да го победат ДУИ, да го декласираат еднаш за секогаш и заедно со победникот да фатат еден нормален тек на развивање на општеството и државата, па беа некако пата-пата. СДСМ и Беса имаа појаки карти од ДУИ, но крупието кој треба да прогласи победник во играта, вели дека тоа е недоволно за да се добие „партијата“ и да се соберат влоговите. Решението е или да се преигра целата „партија“, или да се измешаат картите што се на маса.
Партијата се одложува за неколку дена. Правилата дозволуваат играчите добро да размислат за понудите.
И, погодувате. Во меѓувреме, и ние гледачите, како последни лузери се фативме за Џокерот, а сите други карти од шпилот ги занемаривме. Таквата неизвесност, многу нормално почна да се рефлектира кај нас во публиката што ја следиме оваа напната партија Покер. Почнаа дебатите, а главно се сведуваа околу тоа дали Џокерот како карта – адут, е потребен во покерашката партијата, или само ја расипува.
Она што го градевме две децении, сега во само една партија Покер има шанса да се урни во зависност од тоа дали на Џокерот ќе успеат да му одолеат Алијанса и Алтернатива, па и СДСМ и Беса, но и дали сите заедно ќе успат да откраднат неколку карти од „раката“ на ДУИ и од оние карти од ДПМНЕ, па нека им остане на ДУИ само Џокерот во рака, кој тогаш нема да можат да го „спарат“, со преостанатите карти.
Има и трета варијанта, која на гледачите на оваа напната партија им се гледа најизвесна, а тоа е да не се игра повеќе со Џокер во шпилот, добро да се промешаат картите и сите играчи да добијат реални „раце“, се разбира освен лузерот Мицкоски кој ги фрли картите, а се обидуваше со дупли карти и подвалувања уште пред да почне главната игра, па никој од играчите на масата сега не сака да го има за партнер во која и да е комбинација.
Убава карта е Џокерот и тоа мора да се признае, тешко е да се откажеш од неа. Иако Џокерот е нели дворскито шут на кого сите во кралството му се смеат, тој со својата итрина и умешност секогаш го има главното место на масата одма до благородниците, па неслучајно е одбран токму тој да е најпосакуваната карта во шпилот.
Што значи Џокерот за нас публиката?
Би рекол ама баш апсолутно ништо!
Од друга страна пак, Џокерот на ДУИ и неговото откривање, токму сега ни дава нам извонредна шанса да одлучиме, без разлика кој и дали ќе има победник во партијата Покер.
– Или ќе се обидеме да се соземе и да не потпаѓаме под неговата лажна соблазност, па ке му ја растуриме играта на Ахмети, смрдливиот Џокер ќе му го напикаме длабоко во… ракавот, од каде нели и го изваде и ќе му кажеме сите заедно и Македонци и Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци, Власи и сите други прогресивни кои сме го одбрале патот кон Европа, а не црните планински мафијашки вилаети добро спакувани како национализам, да се носи и тој и неговиот искезен испуван адут. Прогресивните пред сè Албанци сега ја имаат моќта на Џокерот како симбол на итрината и интригите, баш во свои раце. Ќе го направат ли партали, па ни делче да не остане од него, или…
– Или ќе се направиме партали меѓу себе и ќе останеме само со… Џокерот во рака, и начисто ќе се сјебиме.
Изборот е наш.