Македонскиот здравствен систем, но и сите останати државни институции вклучени во процесот на заштита и справување со корона вирусот, демонстрираат високо ниво на ангажираност, посветеност и организациска поставеност. Деновиве, светската јавност е целосно фокусирана на пандемијата и тешките последици кои ги остава врз животот и здравјето на луѓето низ целиот свет. Голем број држави, демократски и економски развиени, секојдневно бројат жртви од заразата КОВИД-19 која масовно се шири и загрозува човечки животи.
За среќа, ние сѐ уште знаеме и имаме капацитет да организираме спроведување на заштитни мерки против ширењето на корона вирусот. Со поголема кооперативност и дисциплина на граѓаните, преку почитување на владините забрани и препораки, имаме шанси да се извлечеме со што помалку заразени, но и со што помалку починати. Ако овие бројки ги сведеме на минимум, тогаш заслугата ќе оди на контото на Владата, особено на институциите кои директно на терен, со натчовечки напори и со ризик за сопственото здравје, придонесуваат граѓаните да се чувствуваат посигурни и помирни. Наспроти сѐ, институциите со право ја уживаат поддршката и довербата од граѓаните.
Но успехот на нашата земја во борбата против корона вирусот е споделен и со одговорните граѓани кои покажаа почит и грижа кон јавното здравје, наспроти тоа што сѐ уште голем дел од популацијата и натаму смета дека вирусот не преставува голема опасност и го користат времето за непрепорачани, па и забранети активности. Со таквото однесување, неодговорните граѓани го доведуваат во опасност и својот, но и животот на луѓето од нивната околина, особено оние со кои често комуницираат.
Изминува еден месец откако во нашата држава беше регистриран првиот случај, пациентка заразена со корона вирус. Оттогаш, речиси секојдневно расте бројот на заболени, сега има вкупно 85 заразени лица. Доброто е во тоа што, општо земено, сите заболени се во стабилна состојба, голем дел се лекуваат и во домашни услови, а за нив постои отворен број за да имаат постојана комуникација со здравствени институции и со лекари за да може да се следи нивната здравствена состојба.
По обидите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да наметне тези дека владините мерки за заштита од вирусот задоцниле, стана јасно дека мерките воопшто ниту задоцниле, ниту се погрешни, ниту пак отвораат можност за некој функционер да ја злоупотреби позицијата и ситуацијата во лична полза.
Стигна потврда и од Светската здравствена организација (СЗО), од нивната претставничка во Скопје, дека владините мерки се исправни во целост и констатира дека државните институции навистина вложуваат максимални напори за да ја одржат ситуацијата под контрола. Нивната оценка, но и резултатите кои се бележат, а за кои реално и јавноста е навремено и транспарентно известена, говорат за фактот дека системот е добро поставен, дека во последните неполни три години институциите започнаа да функционираат поинаку од претходно, пред сѐ, поодговорно, а на раководните позиции се поставени луѓе кои се стручни во областа.
Очекувано е дека најистурен во оваа голема војна со корона вирусот е министерот Венко Филипче. Тој се повлече од идејата да биде дел од кандидатските листи за изборите кои потоа се одложија, свесен за тоа што го чека во битката со вирусот. Сепак, не се работи само за еден човек на овој тежок фронт. Голем број сектори во државниот систем се вклучени во овие напори и демонстрираат исклучителна координација и пожртвуваност.
Како што е познато, важна е функцијата на Комисијата за заразни болести која заседава секојдневно, а така ќе продолжи и во иднина. Во таа Комисија се активирани стручни и професионални кадри кои, секој одделно и сите заедно, придонесуваат во креирање на политиките и мерките за поефикасно справување со КОВИД-19. Понатаму, во секторот здравство, активирани се сите институти за јавно здравје, сите медицински установи, а од понеделник ќе започнат тестирања и во поликлиниките „Јане Сандански“ и „Чаир“. Да не зборуваме за тоа по колку часови дневно работат лекарите и помошниот персонал со една цел – да спасат животи и да го зачуваат здравјето на луѓето.
Но, битката против корона вирусот е комплексна, па затоа на терен се и припадниците на полицијата кои периодов имаат долг список задачи, од контрола на граници до контрола на граѓаните кои мора да останат во карантин, а не го почитуваат тоа.
Војската е уште една униформирана служба која е меѓу народот. Ова не е војна за која се обучени, но во оваа војна со невидливиот непријател нивниот ангажман нѐ прави похрабри и поодлучни да истраеме.
Во прегледот на институциите кои се грижат за граѓаните не треба да се испуштат ни Црвениот крст и Центарот за управување со кризи. Полека се вклучува и приватното здравство, а во последните неколку дена постојано пристигнуваат апели за волонтери кои се пријавуваат да помогнат во справувањето со здравствената криза. Сите овие наведени, но и оние ненамерно пропуштените, се во првата линија на фронтот, но има и такви кои се во позадина и кои мислат на економските последици.
Функционерите на СДСМ во Владата, поставени од Зоран Заев како премиер, излегоа со солидни и конструктивни предлог мерки за закрепнување на економијата. Мора да се признае дека е визионерски и државнички одговорно однесувањето во услови кога здравствената криза е во подем, а заразата сѐ уште е далеку од кулминација. Евидентно е и тоа дека институциите, предводени од власта, спроведуваат успешни превентивни мерки за спас на стопанството.
Со сево ова, Северна Македонија предничи и пред далеку посилните и поразвиените европски држави. Од една страна, се инсталира широк спектар на заштитни мерки против корона вирусот, а со тоа сѐ уште мал број на заболени, што не е пример со многу држави низ Европа. Од друга страна, владините институции веќе започнуваат со имплементација на економски мерки, што во некои држави ниту се дебатираат, ниту се спроведуваат.
Во овој контекст, во анализата на активностите на институциите, неодминлива констатација е дека Зоран Заев, иако не е член на Владата во моментов, сепак, ја предводи партијата што е најодговорна за функционирањето на техничката Влада. Тој постојано, во јавните настапи, многу отворено говори за сите мерки кои се планираат. Во јавните настапи, Заев им дава предност на мерките за директна финансиска помош, како што се кредитите со нула отсто камата, помошта за исплата на плати и низа други мерки за кои можат да ни позавидат и во регионот и многу пошироко. Заев е уверен дека паричната помош во Северна Македонија ќе биде најголема по жител кога ќе се спореди со другите земји.
Едноставно, кризата како да го стави на тест мандатот на СДСМ, иако им беше скратен и при крај, со оглед на закажаните предвремени парламентарни избори. Ова е добра прилика за тимот на Заев да покаже колку знае и како умее да се справува со ненадејни и опасни ситуации. Ако се следи почетокот, со здравствените и економските мерки, како и според заложбите на сите функционери, тогаш имаме шанси да и се спротивставиме на корона вирусот. Само уште непослушните граѓани да се приберат дома и да им олеснат на сите овие кои се на фронталната линија.
Оваа анализа ја подготви соработничката екипа на FRONTLINE