Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК) објави дека, од извршените испитувања во текот на денот, 12 испитаници резултираа позитивни на Ковид-19, по што официјалната бројка на заразени со корона вирус во земјата достигна до 106, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според вечерашното соопштение на ИШПК, денеска во неговата лабораторија за молекуларна микрбиологија се испитани примероците на 69 лица за кои постоело сомневање дека е можно да се заразени од корона вирусите, по што за прв пат од појавата на вирусот бројката на заразени е троцифрена. Вкупната бројка на испитаници во земјата, од 8 февруари заклулно со денешниот ден, изнесува 1.106.
Сите 12 лица кај кои денеска е потврдено присуството на вирусот се заразени од контакти со лица кои претходно биле дијагностицирани со корона вирус.
Петмина од новозаразените се од Малишево, општина во која е регистриран најголемиот број на заразени, вкупно 38, тројца се жители на Косово Поле, двајца на Приштина и по еден од Митровица и Каменица.
Од 13 март, кога беа регистрирани првите две лица заразени од вирусот, во Косово има еден излечен од заразата и еден починат.