Веб страницата на министерството за здравство и натаму не е функционална по последниот хакерски напад. Падната е и страницата на Агенцијата за поддршка на туризмот веќе неколку денови. Обвинителството покрена и предистражна постапка за хакерскиот напад врз ДИК. Причините за последните хакерски напади најверојатно се политички мотивирани од незадоволни индивидуалци, вели консултантот за компјутерска безбедност Мане Пиперевски за Радио Слободна Европа.
„Нападот што се случи, се гледа дека има некаква политичка позадина и е дирекно поврзана со тековните збиднувања во Македонија, но сепак би рекол дека овие сајбер напади не се од високоризична категорија, од причина што не претставуваат директен упад во системите каде што се наоѓаат доверливи податоци и податоци од класифицирана природа на организациите на институциите. Така што, едноставна промена или недостапност на одреден сервис не претставува тежок сајбер напад врз институциите“, вели Пиперевски.
Според Пиперевски, за последните може да се заклучи дека се работи за револтирани индивидуалци кои сакаат на некој начин да ја покажат својата гневност или револт кон скорешните збиднувања во државата, ништо повеќе.
„Повторно ќе се повикам на тоа што претходно го кажав, дека не се напади од висок ризик“, вели Пиперевски за РСЕ.