Стотици милиони луѓе во светот вечер во семејна атмосфера, во домовите ќе ја испратат 2020 и ќе ја пречекаат Новата 2021 година. Годинава кај нас и во целиот свет поради состојбата со КОВИД-19 ќе изостанат прославите на плоштадите, во туристичките центри, во кафеани, ресторани, пабови… Надлежните во земјава апелираа граѓаните да бидат совесни, да не се групираат за претстојните празници, да ги почитуваат мерките и препораките. Да мислат на сопственото здравје и на здравјето на своите најблиски.
По разорниот земјотрес во Хрватска, на местата на кои земјотресот отвори пукнатини во земјата, избива густа кал. Таканаречената „ликвефакција“ или втечнување на тлото, е познат феномен по силни земјотреси. Тој настанува кога подземните води се излеваат и ја заситуваат земјата поместена од потресот, а почвата почнува да добива својства на течност. Целата земја околу првичната пукнатина практично се претвора во своевиден „жив песок“, кој може да претставува опасност, посебно ако тоа се случи на места на кои има градби врз нестабилното тло.
Владата на Република Северна Македонија на вчерашната 36-та седница го разгледа и усвои текстот на гаранцијата усогласен помеѓу Глобалниот сојуз за вакцини (ГАВИ) (GAVI ALLIANCE) како корисник на гаранцијата и Комерцијална банка за финансиската гаранција на износ од 7.457.140 американски долари за набавка на вакцини преку КОВАКС системот, и го овласти министерот за здравство, д-р Венко Филипче во име на Владата на Република Северна Mакедонија да го потпише текстот на гаранцијата. Министерството за здравство информираше дека попладнето бил постигнат директен договор со компанијата Фајзер за набавка на вакцини, а количината што првично ќе биде доставена ќе биде позната во текот на следните недели. Следните дози од вакцината на Фајзер потоа ќе пристигнат во март и април.
Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов во вечерашното гостување на телевизија Телма рече лага е дека Град Скопје имал договор и му плаќал пари на адвокатското друштво Шилегов и партнери. Постои договор меѓу адвокатското друштво и Петре Шилегов од 2015 година со кој адвокатското друштво му плаќа на Шилегов. Нема јавни средства кои одат кон адвокатското друштво. Антикорупциска рече дека не смеам ни тоа да го правам, јас не мислам така, но ја прифатив одлуката на Антикорупциска. Никогаш Градот нема исплтено еден денар на мојата фирма, рече Шилегов.
Владата на Република Северна Македонија на вчерашната 36-та седница донесе одлука за укинување на забраната за авионските летови од Велика Британија и Северна Ирска во Република Северна Македонија која важеше до крајот на 2020 година, како и задолжителната мерка за самоизолација на патниците што доаѓаа од овие дестинации во рок 14 дена. Забраната беше воведена врз основа на препораката на Комисијата за заразни болести, по информациите дека нова мутација на коронавирусот се шири во Велика Британија и според првичните епидемиолошки анализи е позаразна.
Основците и средношколците од денеска се на зимски распуст кој ќе трае до 20 јануари. Наредниот ден учениците ќе ја продолжат наставата од второто полугодие на учебната 2020/2021 – во училишните клупи или пред ИТ-уредите.
Потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија не е грешка, туку историски чин и придобивка, и врз основа на него со идните политики ќе биде донесено решение во интерес на двата народи и двете земји и тој ќе го гарантира европскиот пат на Северна Македонија, а негово поништување само би не „вкотвило“ во балканското сивило. – Нашиот македонски идентитет и македонски јазик никогаш не биле на маса на преговоори и разговори и никогаш нема да бидат. Никогаш. Затоа што тоа е наше право, самоопределување, наша европска вредност и право зад кое што стоиме, рече Заев.
Прочистувањето на правосудството од 1 јануари следната година ќе се прави врз основа на извештај со увид во шест предмети за обвинителите и десет предмети за судиите, предвидува новата Методологијата за проверка на работата на правосудството во нашата земја. Министерот за правда Бојан Маричиќ, кој вчера заедно со јавниот обвинител, Љубомир Јовески и претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев ја презентираа Методологијата, рече дека не сакаат на кој било начин да прават притисок или какво било влијание врз судството и обвинителството, но дека се должни да се грижат и будно да го следат процесот со кој ќе добиеме реформиран, транспарентен, ефикасен и од какви било притисоци ослободен правосуден систем.
Прометот во трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун во ноември годинава во однос на ноември лани забележал пад од 6,2 отсто номинално и реално за 9,9 отсто, објави Државниот завод за статистика.