Во последниве два дена во Зоолошката градина во Скопје усмртени биле повеќе од 10 коњи и мазги, за да им бидат дадени како храна на месојадните животни, сведочат барем тројца вработени во Зоолошката. Ѓорги Галетановски, поранешен директор на Зоолошката градина Скопје за ФРОНТЛАЈН изјави дека не сфатил од каде и со која цел коњите биле донесени, животните се хранеле со тендерско месо, односно, според годишна јавна набавка.
Вчера дознав од медиумите и не ми беше верно. Не сфатив од каде и со која цел коњите биле донесени бидејќи животните се хранат со тендерско месо т.е. според годишна јавна набавка. Настанот е немил и сега е важно вработените да се присебни и да се грижат за животните без никакви проблеми, изјави Галетановски.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, го разреши в.д. директорот на скопската зоолошка градина, Кристијан Стаменов, поради, како што велат од Град Скопје, скандалот кој ја потресе јавноста.
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција при МВР и Одделението за криминалистички работи Карпош вчера во 18 часот, привеле пет лица, и тоа Д.М.(25), А.М.(43), М.Х.(45), В.Г.(46), вработени во Зоолошката градина во Скопје и З.Р.(44), надворешен соработник.
При извршена обиколка на Зоолошката градина, по претходно добиени сознанија, информираа денеска од МВР, тие биле затекнати во помошните простории на Зоолошката градина (кујна за подготвување храна за животните) како подготвуваат храна од коњи (12 коњи и една мазга) кои ги колат на лице место за месото да го употребат како храна за дивите животни во Зоолошката градина.