Премиерот Ковачевски на денешната прес-конференција одговараќи на новинарско прашање за нотарските изјави на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да гласаат за промена на Уставот, истакна дека таа политичка партија не е променета ниту за милиметар – во време на Груевски пратеници потпишуваа меници, а сега потпишуваат нотарски изјави.
„Се надевав дека ВМРО-ДПМНЕ конечно ќе биде партија којашто ќе се реформира, којашто ќе стане вистинска партија членка по урнекот на други напредни политички партии членки на народните партии во Европа, меѓуто гледаме дека таа политичка партија ниту милиметар не е променета во однос на она што го имавме под водство на нивниот претходен претседател. Во тоа време нивните пратеници потпишуваа меници, а сега потпишуваат нотарски изјави“, истакна Ковачевски.
Премиерот нагласи дека пратениците во Парламентот не го претставуваат претседателот на партијата, туку граѓаните што ги избрале
„Пратениците според Устав се независни во своето одлучивање во Собранието. Тие таму не претставуваат политичка партија или пак претседател на политичка партија којшто им бара нотарски изјави и им мавта со нив по прес конференции. Тие таму ги претставуваат граѓаните коишто ги избрале“, рече Ковачевски.
Ковачевски рече дека ВМРО-ДПМНЕ треба да објасни зошто се против внесувањето во Уставот на граѓаните на Република Северна Македонија кои јасно се самоопределиле како Црногорци, како Хрвати, како Бугари, како Еѓипќани.
Зошто би имале тие против и доколку делови од израелскиот народ, односно Евреите во Република Северна Македонија бидат дел од преамбулата на нашиот Устав тие граѓани се богатството на нашата држава. Ние сме граѓанска држава. Не може ако некој решил себе си да се изолира и да ја изолира својата партија, ако решил преку нотарски изјави да ги изолира своите пратеници тоа да го прави на сите граѓани на државата и на целата држава и неа да ја изолира. Тоа е неприфатливо, ретроградно и тоа треба да биде надминато, нагласи Ковачевски.
Ј. Ѓ.