Лина Ѓорческа гази сè пред себе. Пред малку заврши полуфиналниот меч во којшто нашата најдобра тенисерка извојува победа во три сета против Русинката Дарја Астакова (6-2 ; 3-6 ; 6-3).
Со оваа победа Ѓорческа се избори за пласман во финалето на многу силен ITF турнир од W60 категорија. Таа со тоа веќе обезбеди нови 48 поени за голем напредок од околу 30-35 места на WTA листата. Евентуален триумф на Лина Ѓорческа во утрешното финале ќе ѝ донесе уште дополнителни 32 поени и речиси сигурно учество на US Open.
Противничка на Лина Ѓорческа во финалето ќе ѝ биде домашната тенисерка Сара Белјек, којашто важи за голем фаворит за освојување на турнирот. Иако има само 16 години, таа освои неколку ITF турнири и чешката јавност од неа очекува брз пробив во топ-10 тенисерки во светот. Сепак, нашата Лина е во одлична форма и сигурно ќе даде сѐ од себе во веројатно најважниот меч во нејзината кариера.
А. Лукароски