пишува: СОТИР ГАБЕЛОСКИ
Протоколот не го прифаќаме, протестираме против европската единствена можност, но во Собрание не гласаме против за да, по којзнае кој пат, не бидеме на погрешната страна на историјата.
Оние кои што најмалку и го мислат арното на Македонија искористија момент да манипулираат, создаваат нетрпеливост и да го тргнат на страна фактот дека оваа шанса за почеток на преговорите со ЕУ е единствена.
Расправата за овој документ се сведе на прашањето за јазикот, односно за манипулации поврзани со истиот, но никој не ги објасни темите опфатени во Протоколот кои се однесуваат на економска, инфраструктурна и правна соработка меѓу Македонија и Бугарија. Колку за илустрација, во самиот документ е наведено она што пред неколку дена го зборуваше министерот за транспорт и врски – продолжување со работа на коридорот 8. Огромен инфраструктурен проект кој треба да донесе силни економски придобивки за државата. Се’ ова се случува додека добиваме потврда дека македонскиот јазик е забетониран.
Во документот се пишува за соработка во областа на странските инвестиции, асистенција од Бугарија во правната легислатива на патот кон ЕУ, отворање на нови канали за комуникација на двете држави. Потоа, Протоколот предвидува соработка во областа на трговијата, овозможување поволни заеми, програми за рурален развој, прекугранична соработка Македонија – Бугарија и голем број на придобивки од кои нашата држава ќе профитира многу повеќе од Бугарија.
Се чини како од двете страни да има сили кои сакаат да создадат непријателство и да ја тргнат државата од европскиот и западен пат. За среќа, тоа сценарио не успева, а Македонија ги отпочна преговорите.