Откако градоначалничката Арсовска и Град Скопје вчера започнаа со асфалтирање на патеките околу местата кои се со намера оставени за да „дише“ просторот околу парковското зеленило, реагираа загрижени граѓаните, здруженија и политичари. После бројните реакции градоначалничката Арсовска, се попишмани.
Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, реагираше за најавеното асфалтрирање во Градскиот парк што го спроведува градоначалничката Данела Арсовска.
„Во Градскиот парк во Скопје, во таканаречениот турски дел (паркот е подигнат на почетокот на 20-ти век), постојат (постоеа, сега веќе) земјени пешачки патеки, останати таму како традиција. Стојат така повеќе од сто години. До денес. Денес дојдоа „новите ветришта”, објави Шилегов.
Тој нагласува дека Изборот на асфалт како подлога за стази во парк, во денешно време, е, како што вели, ствар на тотално незнаење и дефинитивно на лош, ама многу лош вкус.
Никола Наумоски, шеф на кабинетот на поранешниот градоначалник Шилегов, реагираше и на првата и на втората најава од Град Скопје.
Какви аматери, какви незналици, штетници!, истакна на Фејбук Наумоски, по првичната најава дека ќе се асфалтираа патеки.
Откако Арсовска се попишмани, Наумоски вели – да имаше план да се прави тартан, немаше вчера кабинетот на Данела да лаже дека родители им барале да асфалтираат, а да не спомнат тартан. Додава, дека тартанот не е соодветен за локацијата.
„Да не се лажеме, планот не бил да се направи тартан патека. Да имаше таков план, ќе постоеше како ставка во годишниот буџет, ќе го имаше во годишните програми за работа на градот. Да имаше план да се прави тартан, немаше вчера кабинетот на Данела да лаже дека родители им барале да асфалтираат, а да не спомнат тартан. Планот го сменија откако вчера ги видоа реакциите на јавноста, а најмногу заради жестокоста на барањето на Зелен Хуман Град (no pasaran).
И не, тартан патека не е соодветна за локацијата, ниту за зеленилото таму, ниту одговара на историскиот изглед, ниту пак се компатибилни атлетска стаза и детска содржина (лавиринт) една до друга.
Ама нешто ми кажува дека ЗХГ ова ќе го прогласат за успех, дека се имало слух!“, пишува Наумоски
Од Зелен хуман град, кои во собранието на Град Скопје имаат двајца советници, по објавувањето на веста дека се асфалтираат патеки во Градски парк испратиле официјален допис до Град Скопје и до ЈП „Улици и патишта“ во кој бараат веднаш да ги адаптира своите активности на препораките кои се дел од стратешките документи што локалната самоуправа ги изработува, а се платени од нашите јавни пари!
Во Стратегијата за отпорно Скопје од 2017 г. се вели „Колку повеќе бетон и асфалт, толку повисока температура. Потребни се повеќе зелени површини, зелени покриви и зелени фасади.“
„Конвенционалните материјали за поплочување можат да достигнат летни температури и од 48-67°C. Ваквите загреани површини ја пренесуваат топлина во воздухот над нив со тоа значајно придонесуваат за создавањето на топлински острови. […] Улиците, плочниците, паркинзите, тротоарите и другите површини може да се конструираат со користење на пропустливи/проодни материјали за поплочување, и со тоа да се помогне да се излади околината, истовремено намалувајќи го истекувањето на атмосферските води.“ е наведено во студијата за Урбани топлински острови во Скопје од 2018 г, наведуваат ЗХГ во соопштението.
Со реакција се јави и претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.
„Бетонирање на Градскиот парк ли е придобивката за скопјани од формирањето на Градскиот еко совет-Зелен совет и новото јавно претпријатие за урбанизам на Град Скопје“, објави Морачанин
На социјалните мрежи и загрижени граѓани коментираа за асфалтирањето на Градскиот парк од страна на градоначалничката Арсовска.
„Ги асфалтираат земјените патеки, оние неколку што се намерно оставени неасфалтирани од пред 100+ години?!
Ова како да е поправен часовникот на железничка.
На Скопје му се повторува бетонизација. Битно се (к)гради. Ова ли е за фалење?!
Таман си е сега паркот за секаде со коли и мотор…“ се дел од коментарите на социјалните мрежи
Директорот на Улици и патишта Скопје, Борис Настов, кој го објаснуваше проектот, рече дека непотребни се тензии во почетната фаза на реконструкција и дека немало намера да асфалтираат земјени патеки туку погрешно биле разбрани.
„Вчера почнавме со реконструкција на патеките во делот кај лавиринтот, непотребни се тензии во почетната фаза на реконструкција дури не се заврши целосно реконструкцијата. Патеката околу лавиринтот се обложува за бондирање и ќе биде покриена со тартан материјал, останатите патеки кои се со оштетен асфалт само се реконструираат со нова асфалтна маса и онаму каде што ќе биде потребно заради поголема пристапност на барање на граѓаните. Патеките кои се со ризла ќе бидат обновени со нов слој ризла, затоа апелирам до граѓаните за трпение при изведба на работите дури да се дојде до крајниот резултат и сигурен сум дека ова ќе биде најпријатното катче од Градскиот парк и за најмладите генерации, за лицата со физичка попреченост и за сите останати граѓани кои досега имале отежната пристапност во тој дел. Во Градски парк се адаптира теренот со тартан и ризла за пристапност на сите граѓани“ изјави Настов. Работните активности за реконструкција на патеките во паркот продолжуваат со ист интезитет, моментално се работи на обнова на ризлата на првиот дел од паркот“, се наведува во соопштението од Улици и патишта Скопје .
Жестоките реакции од јавноста поткрепени со силни аргументи од стручната јавност ја натераа градоначалничката Асовска да се попишмани за делот од Градскиот парк што вчера беше асфалтиран кој е направен пред околу 100 години и досега намерно е оставен и не се „бетонизира“.
Ј. Ѓорѓиоски