Михаил Горбачов, последниот советски лидер, беше шокиран и збунет од конфликтот во Украина во месеците пред да почине, а во последните години психички уништен од влошените врски на Москва со Киев, вели неговиот преведувач Павел Палажченко.
Палажченко, кој работел со покојниот советски претседател 37 години и бил покрај него на бројни американско-советски самити, разговарал со Горбачов по телефон пред неколку недели, истакнувајќи дека тој и другите биле изненадени од тоа колку Горбачов бил трауматизиран од настаните во Украина. .
Не само (специјалната воена) операцијата што започна на 24 февруари, туку и целата еволуција на односите меѓу Русија и Украина во изминатите години беа навистина, навистина голем удар за него, вели Палажченко во интервју за Ројтерс.
„Во разговорите со него ни беше многу јасно дека е шокиран и збунет од она што се случува (откако руските трупи влегоа во Украина во февруари) од различни причини. Тој веруваше не само во блискоста на рускиот и украинскиот народ, туку дека тие два народи ќе се испреплетат“, додаде тој.
Седумдесет и тригодишниот Палажченко, кој работи во Фондацијата Горбачов, го видел Горбачов во последните неколку месеци од неговиот живот и е во контакт со неговата ќерка Ирина.
Позицијата на Горбачов за Украина беше сложена и контрадикторна, вели Палажченко, бидејќи покојниот политичар сè уште веруваше во идејата за Советскиот Сојуз.
Подготви: Ј. Ѓ.