Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган минатата недела нареди серија воздушни напади врз базите на курдските милитанти во северна Сирија и предупреди дека наскоро ќе следи копнена операција.
Воздушната операција започна на 20 ноември, а предупредувањата на Ердоган доаѓаат по експлозијата што го потресе Истанбул на 13 ноември, кога загинаа најмалку шест лица, а беа повредени повеќе од 80. Турските власти ги обвинија курдските сепаратисти за експлозијата, тврдење кое го негираа курдските групи.
Ердоган изјави дека воздушните напади се „само почеток“ и дека турските вооружени сили „ќе ги совладаат терористите и на копно во погодно време“.
Минатата среда, 23 ноември, Министерството за одбрана на Турција соопшти дека биле погодени 471 цели и дека „254 терористи се неутрализирани“ во операцијата „Канџа-меч“. Нема независна потврда за овие тврдења.
Ердоган ветува упад во северна Сирија од мај. Тој претходно рече дека инвазијата требаше да создаде „безбедна зона“ длабока 30 километри, која ќе биде „испразнета“ од борците на Курдистанската работничка партија (ПКК), милитантна група која Турција и САД ја сметаат за терористичка организација.
Аналитичарите велат дека Ердоган не ги остварува своите закани дека ќе изврши инвазија, бидејќи не обезбедил зелено светло од рускиот претседател Владимир Путин, чија земја има големо воено присуство во Сирија.
Извор: CNN