Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба во интервју за Си Ен Ен изјави дека 17 украински амбасади ширум светот во изминатите денови примиле писма-бомби или пакети кои содржат делови од животни, вклучително и кравји очи.
Започна со експлозија во украинската амбасада во Шпанија. Но, она што следеше по оваа експлозија беше почудно, да не речам – болно, изјави Кулеба во интервјуто.
Кој има корист од сето ова? Можеби Русија затоа што ја губи дипломатската битка, праша шефот на украинската дипломатија и изрази верување дека Русија стои зад ова.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи Олег Николенко истакна дека меѓу оние кои ги примиле пакетите се и амбасади во Унгарија, Холандија, Полска, Хрватска, Италија и Австрија.