Целокупниот сервис на услуги што го нуди државниот апарат не претставува таргетирана политика, оценува советникот во Владата за инклузија на Ромите, Елвис Мемети, во гостувањето на трибината „Различностите – благодат или проклетство“ во организација на Цивил.
„Кога се подобрува состојбата кај сите граѓани, неколкукратно се подобрува состојбата и кај ромската заедница, особено во сферите што се поврзани со услуги и реализирање на права. Системот сме сите ние и на нас останува да го подобриме сервисот на услуги за да биде подобро за сите“. рече Мемети.
Тој кажа дека во контекст на преговорите за членство во Унијата се бараат и посебни индикатори, со коишто согласно декларацијата од Познан, ќе се следи напредокот на ромската заедница.
„Поставивме нова десетгодишна Стратегија, усвоена во февруари 2022 година и има посебен таргетиран буџет за имплементација на таа Стратегија и останува тој процес добро да го менаџираме“, рече Мемети, сепак потенцирајќи дека подобрувањето на системот за услуги кон сите граѓани, ќе помогне за сите заедница, вклучувајќи ја и ромската.