Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со нивната антидржавна политика во Собранието. Откако не беа присутни во собраниската сала кога се ратификуваше Договорот со ФРОНТЕКС, тие „избегаа“ и денес кога Собранието ги ратификуваше договорите за Отворен Балкан.
Собранието на Република Северна Македонија денес ги ратификуваше Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и Договорот за интерконекција на шеми за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан со што се овозможува граѓаните од трите земји од Западен Балкан да работат во останатите држави без дополнителни дозволи.
Договорите беа потпишани уште минатото лето и се очекуваше првите искуства од оваа мерка граѓаните да ги доживеат уште есента, но поради блокадите на опозицијата тоа не беше возможно. Тие со месеци ја одложуваа и оддолжуваше комисиската расправа на овој и на неколку други договори поврзани за функционално спроведување на заедничкиот пазар на трудот меѓу Албанија, Србија и Македонија.
Ратификуваните договори на граѓаните од Западен Балкан ќе им овозможат да работат во која било од трите земји без посебни работни дозволи, без какви било бариери, без аплицирања и чекања, без административни трошоци. Дополнително олеснување ќе обезбедат и договорите за признавање на дипломи и професионални квалификации.
Како што објави денес „Рацин.мк“, со мерката практично се отстрануваат административните бариери за работен ангажман. Ако сега за работна дозвола се чека по два или три месеци и има и административни такси, со оваа мерка се отстрануваат чекањето и бирократиите и се либерализира пазарот на труд, додека платите, придонесите, сместувањето, работникот си ги обезбедува сам или пак фирмата каде што се вработува.