Русија претставува јасна воена закана во непосредното подрачје на Шведска, но нејзините сили се главно поврзани со војната во Украина, соопшти денеска шведската воена разузнавачка и безбедносна служба МУСТ, јави Ројтерс.
Европскиот безбедносен поредок каков што го знаеме престана да постои, а со тоа се зголемија и ризиците за шведската безбедност, изјави на прес-конференција Лена Халин, шефица на МУСТ.
Таа, исто така, рече дека очекува Русија, кога ќе биде можно, да ги зголеми своите воени капацитети во непосредното подрачје на Шведска како одговор на кандидатурите на Шведска и Финска за членство во НАТО.
МУСТ процени дека Русија во моментов сака да избегне вооружен конфликт со НАТО, но прашање е какви ризици е подготвена да преземе во иднина, пишува Гардијан.
Постои голема неизвесност, главно поради подготвеноста на руското раководство да преземе големи ризици. Високото ниво на тензија ја зголемува шансата, несреќа или погрешна проценка да доведе до конфликт, нагласи Халин.