Европската унија ќе и обезбеди на Украина 1,5 милијарди евра како втора транша од пакетот макрофинансиска помош од 18 милијарди евра, изјави потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис.
Исплатата се очекува да биде извршена следната недела, додаде Домбровскис, нарекувајќи ја „итна поддршка за да и помогне на Украина да ги исполни непосредните потреби“.
Европскиот совет се согласи да додели 18 милијарди евра макрофинансиска помош за Украина на 15 декември. Средствата од заемот ќе бидат префрлени во државниот буџет на рати во текот на годината.
Украина ја доби првата транша од 3 милијарди евра на 17 јануари.
Пакетот за поддршка од 18 милијарди евра има за цел да и помогне на Украина да плати за основните јавни услуги, да ја одржува макроекономската стабилност и да ја обнови критичната инфраструктура уништена од руските напади.
На 14 март, Советот на ЕУ одлучи да го зголеми финансискиот плафон на Европскиот фонд за мир (ЕПФ), од кој се распределуваат средства за купување оружје за Украина, на 7,9 милијарди евра (8,4 милијарди долари) до 2027 година.
Подготви: А. Р.
Извор: Кијив Индепендент