Сите министри во Влада од редовите на ДУИ, поднесоа оставки до премиерот Димитар Ковачевски, кои ќе се ефектуираат веднаш откакако пратениците на ДПМНЕ ќе гласаат за усвојување на уставните измени.
Ставајќи го државниот пред партискиот интерес ДУИ покажа одговорност кон врвната стратешка цел, европската иднина на земјата и сите наши граѓани. Со одлуките на Централниот одбор на СДСМ, како и со оваа одлука на ДУИ, сите услови кои ги поставуваше Мицкоски за ДПМНЕ да поддржи уставни измени се исполнети, вклучително и Влада без ДУИ, се наведува во денешното соопштение на СДСМ.
Владејачката партија нагласи дека „големите државнички одлуки бараат државнички капацитет и одговорност, а сега на потег е Христијан Мицкоски да покаже и докаже дали има државнички капацитет, дали му е важна европската иднина на земјата или само својата фотелја во Белата палата“.
Членството во ЕУ е врвна стратешка цел, не е борба за власт туку борба за иднината на државата и од тоа СДСМ нема да отстапи. Гласот за уставните измени е глас за Европа, за сигурна и стабилна иднина. Со глас за Европа во македонското Собрание Мицкоски и ДПМНЕ имаат шанса, наместо да ја блокираат, наместо да ја одвојуваат македонската од европската агенда, да ја поддржат, се додава во соопштението.
Според СДСМ, „Мицкоски треба донесе одлука, пратениците на ДПМНЕ да дадат поддршка за уставните измени и продолжување на европскиот пат. Глас за ЕУ или изолација“.
Претходно Али Ахмети на својот фејсбук-профил објави дека „големите одлуки бараат политичка, национална и државна одговорност и жртви од секој од нас“.
Министрите и владините функционери од редовите на Демократската унија за интеграција поднесоа оставки од функциите што во моментов ги извршуваат. Оставките, г. премиере, автоматски се ефективни во моментот кога опозицијата ќе гласа за уставните измени, стои во објавата на Ахмети на Фејсбук.