Војната постепено се враќа на руска територија и тоа е неизбежен, природен и праведен процес. Ова го изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во денешното видео обраќање, откако со дрон беше погоден бизнис кварт во Москва, пренесува Укринформ.
Зеленски денеска пристигна во градот Ивано-Франковск, во Прикарпатија, каде ги посети повредените украински војници и им се заблагодари што ја бранат државата и за нивната сила. „Им се заблагодарив и на нашите лекари и медицински сестри – горди сме на нашите лекари, на сите оние кои спасуваат животи“, додаде Зеленски.
Руската агресија загуби на бојното поле. Денеска е 522. ден од таканаречената „специјална воена операција“, која руското раководство очекуваше да трае една или две недели. Украина станува посилна. Постепено војната се враќа на територијата на Русија – во нејзините културни центри и воени бази, а тоа е неизбежен, природен и апсолутно фер процес, истакна Зеленски.
Сепак тој нагласи дека „мора да бидеме свесни дека, исто како и минатата година, руските терористи сè уште можат да го нападнат нашиот енергетски сектор и критичните објекти оваа зима. Денеска разговаравме со општините за моменталната состојба на подготовка за сите можни сценарија“.
Разговаравме и за прашањето за итна реконструкција, вклучително и енергетскиот сектор, и различни системи за обезбедување живот во општините. Одеса, нашите јужни региони, Харков, западните региони на нашата земја и северните погранични региони. Многу е важно локалните власти ширум државата да бидат максимално активни во моментов – во лето и во септември – во сè што треба да се направи пред студените месеци од годината, вели украинскиот претседател во своето дневно обраќање.
Г. Т.